Општина Охрид ќе постапи согласно насоките на Државната комисија за спречување на корупција изнесени во мислењето од 16 јули, а во врска со судир на интереси на носители на јавни функции при учество на тендери распишани од локалната самоуправа.

Антикорупциската комисија насоките ги изнесе откако на тендерот за уривање на дивоградби распишан од општина Охрид се пријави фирма во сопственост на советникот Нефи Усеини. Во дописот пишува дека согласно легислативата „Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“.
Фирмата „Нефи-ИК“ беше една од оние што дадоа свои понуди на тендерот што го распиша општина Охрид, за избор на компанија што ќе биде ангажирана за уривање на дивоградбите во градот и долж крајбрежјето на Охридското Езеро. На листата такви објекти најверојатно ќе се најдат и некои за кои како сопшственик односно закупец се јавува токму советникот Усени.