Ширанвил – Пејачот гради приватно село и ги купува куќите на соседите за вртоглави суми

од desk2
132 прегледи

Ед Ширан продолжува да го шири неговото приватно „минисело“ вредно 3,7 милиони фунти во родниот Сафолк.

Пејачот го купи домот на неговата сосетка за 875.000 фунти откако таа се пожали дека „што е многу-многу е“ во врска со постојаното градење на неговиот имот.

Музичката суперѕвезда почна да ја гради домашната империја, што медиумите ја нарекуваат Ширанвил, во 2012 година, кога прво купи модерна селска куќа во Фрамлингам, Сафолк, каде што израснал.

Оттогаш, Ширан им ги купи куќите на четворица соседи, а петтата ја купи во април годинава од сосетката Шерон Џест која се противеше на неговите планови да изгради капела и куќичка на дрво до нејзиниот имот.

Таа тврдеше дека од куќичката ќе може да се гледа право во нејзиниот имот, а исто така се жалеше дека има постојана бучава од градежните работи во „Ширанвил“.

Покрај тоа, Ширан веќе има направено паб и езерце кое локалните жители сметаат дека се користи како базен за пливање.

Ширан, чие богатство се проценува на 160 милиони фунти, израснал во ова живописно гратче и таму за ја запознал сопругата Шери Сиборн (27) со која учел во средното училиште „Томас Милс“.

Ширан им даде на сите 1.100 ученици во училиштето бесплатни карти за неговиот концерт следниот месец и редовно донира облека во хуманитарна продавница на главниот плоштад.

Но, не се сите жители на Фрамлингам пресреќни што го имаат Ширан за сосед и сожител. Осум соседи се спротиставија на предлогот на Ширан од 2017 година да изгради капела во англосаксонски стил каде сакаше да се венча со Шери.

Тој тврдеше дека капелата му е неопходна за да може да ја заштити приватноста на неговите славни гости, нешто што не може да му биде гарантирано во локалната црква. Поради бројните поплаки, предлогот на Ширан до локалните власти беше одбиен и тој сепак се венча во локалната црква.

Главниот дом на Ширан со околното земјиште беше купено во јуни, 2012 година за 895.000 фунти.

Истата година тој ја купи соседната куќа што се води како стара градба од 16. век од втор степен, за 450.000 фунти.

Во септември, 2016 година ја купи куќата со четири спални соби што е најблиску до неговата главна куќа, за 925.000 фунти.

Четвртиот имот го купи во октомври, 2017 – бунгалов на другата страна од патеката што води до неговата куќа, за 525.000 фунти.