
Јетлир Зиберај, советникот на шефот на косовската дипломатија Беџет Пацоли, тврди дека поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Томор Морина не може да биде екстрадиран во Србија.
Тој на својот Фејсбук профил напишал дека има блиска соработка со властите во Северна Македонија за забрзување на процедурата за ослободување на Морина, кој неодамна е уапсен во земјава.
Во Ѓаковица, родното место на Морина, вчера се одржаа протести со барање тој веднаш да биде ослободен од притвор во Северна Македонија.
Морина е приведен на македонско-косовската граница врз основа на потерница од Интерпол, а поради извршени злосторства врз цивилно население за време на војната во Косово во 1999 година.
Властите во Северна Македонија му одредија едномесечен притвор поради можност за бегство, а негово итно ослободување побараа косовскиот амбасадор во Скопје, Ѓерѓ Дедај, лидерот на косовското Движење Самоопределување, Албин Курти и вицепремиерот за европски прашања во Владата на Република Северна Македонија, Бујар Османи.