Припадници на специјалната единица „Алфи“ синоќа го привеле бизнисменот Сеад Кочан со намера да го однесат на издржување на затворската казна. Претходно полицијата од судот добила наредба осуденото лице со полициска придружба веднаш да биде спроведено во надлежната Казнено поправна установа. Акцијата на „алфите“ се одвива одлучно и Кочан ноќва веќе ја помина во затворот во Идризово.

И од МВР синоќа потврдиле дека Кочан веќе е во затвор каде треба да ја одлежи својата 4,8-годишна казна изречана во случајот „Труст“.
„По добивање на целокупната документација поврзана со новото барање за одлагање со отпочнување со издржување на затворската казна на еден од обвинетите во предметот со К.бр. 1459/17 од обвинителството значен како „Труст“, судија за извршување санкции донесе решение со кое го отфрли барањето како недозволено и издаде наредба осуденото лице со полициска придружба веднаш да биде спроведено во надлежната Казнено поправна установа“.
Кочан е осуден на 4 години и 8 месеци затвор поради лажирање документи за учество на тендер на ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. Предметот го отвори и го застапуваше СЈО.