Во Делчево објавен е јавниот повик за учество во проектот „Општинско-корисна работа“. Проектот по осми пат се реализира во соработка со Агенцијата за вработување, преку програмата за развој на Обединетите Нации-УНДП, а врз основа на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година, усвоен од Владата. Годинава, како што информира општината, согласно програмата ќе бидат опфатени 20 евидентирани невработени лица.

– Предност за учество во проектот ќе имаат млади, невработени лица, до 29 години, лица корисници на социјална помош, долгорочно невработените и лицата над 50 години. Доколку корисниците на социјална помош се вклучат активно во оваа мерка како даватели на услуга, нема да им биде одземено правото на социјална помош, а ќе ги зајакнат своите вештини што ќе ги направи поконкурентни на пазарот на труд, информираат од општината.
Предност за учество во новиот циклус на овој проект ќе имаат евидентираните невработени лица кои за првпат се јавуваат за учество во Програмата.
На кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во реализацијата на програмата „Општинско-корисна работа“ ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од девет илјади денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување, причинето со повреда на работа и професионална болест. Повеќе детали за огласот, како што додадоа надлежните, се објавени на општинскиот веб-портал.
Во претходниот циклус преку оваа мерка ангажманот успешно го завршија 12 невработени лица.