Пијалакот „Atomik” е направен од житарки и вода од забранетата област околу оштетената нуклеарна електрана во Чернобил.
„Ова е единствениот примерок што постои, треперам додека го држам шишето“, вели професорот Џим Смит, додека во рацете го држи пијалакот.
Вотката е направена од житарки, но и со вода од забранетата зона во Чернобил и е прв потрошувачки производ кој потекнува од напуштеното подрачје околу оштетената нуклеарна електрана. Процесот е започнат со одгледување житарки на фарма во забранетата зона.
Смит, заедно со тим научници од Универзитетот во Портсмут, Велика Британија, со години работи во забранетата зона, за да се проучи како земјата се обновува од катастрофалната нуклеарна несреќа од 1986 година. Научниците се надеваат дека ќе профитираат од продажбата за да им помогнат на локалните заедници во Украина, кои и понатаму се погодени од економското влијание на катастрофата.
На прашањето дали пијалакот е радиоактивен, професорот Смит одговара:
„Не е порадиоактивна од која било друга вотка. Секој хемичар ќе ви каже, кога дестилирате нешто сè што е штетно завршува во отпад. Зедовме ‘рж која беше „малку“ контаминирана и вода од водоводот на Чернобил и ја дестилиравме. Нашите пријатели од Универзитетот Саутхемптон имаат неверојатна радио-аналитичка лабораторија и проверија за радиоактивност, не најдоа ништо. Сè е под границата“, објаснива Смит.
Постојат жаришта на зрачење во забранетата зона, но во поголемиот дел контаминацијата е помала отколку во други делови на светот. Проблемот за повеќето луѓе кои живеат таму е што немаат соодветна исхрана, добри здравствени услуги, немаат работа и економија“, вели доктор Генади Лаптев, научник кој работи во Хидрометеоролошкиот завод на Украина.
„Не мора да ја напуштиме земјата. Можеме да ја искористиме на различни начини и да произведеме нешто што ќе биде целосно нерадиоактивно“, додава тој.
Каков е вкусот на чернобилската вотка? Споредена со други вотки, има повеќе овошни ноти, открива барменот Сем Армај.
„Тоа е пијалак во кој се чувствува повеќе зрното отколку вотката и има повеќе овошни ноти, и понатаму може да ја осетите ‘ржта“, вели Армај.
Досега е произведена само едно шише вотка, професорот Смит и членовите од тимот се надеваат дека годинава ќе произведат 500 и дека ќе им ги продадат на туристите кои ја посетуваат забранетата зона.