Температура на усвитеност – крај на мултиполарниот свет

од desk4
157 прегледи

Температура на усвитеност – крај на мултиполарниот свет

Неделава што измина ја одбележаа два пресудни моменти кои ќе го дефинираат развојот на светската политичка сцена во месеците и годините што следуваат.

Општествата на двете воено најмоќни сили во светот, Русија и САД, поминаа низ квалитативни поместувања што почетокот на август 2019 година како Русите така и Американците ќе го запомнат мошне добро. Периодот кога ние го одбележуваме нашиот Илинден, ќе остане забележан како судбоносна дата, почеток на радикални промени во внатрешно-политичкиот пејзаж кај двете земји.

Промените во САД како прва воена-економска сила во светот во пар со Русија како сила со најголем нуклеарен потенцијал, може да предизвикаат променети односи на моќ и влијание во меѓународната политика. Тука се надоврзува немоќта на Кина и нејзината економија да одговори на тоталната трговска војна наметната од американскиот претседател Доналд Трамп.

 Сè уште е рано и неблагодарно да се прогнозира за последиците од ова поместување на големата шаховска табла, но едно е сигурно, започнува крајот на мултиполарноит свет.

Од европски партнер до ревизионист

Во Минхен во 2007 година настапи крајот на проевопското расположение на Кремљ. Рускиот претседател Владимир Путин во свој говор тогаш повика одржување на нова Јалта, и светски еквилибриум со повеќе центри на моќ да одлучуваат и решаваат регионални триења и конфликти регулирани од реалполитика. Оваа идеја Кремљ подоцна, тримфално и со самозалажување, ја прогласи како „изживеаност на либерализмот“.

Но на Путин деновиве либерализмот му се удри од глава.

Москва е клучниот, најголем мегаполис на територија што се простира од Ирска до Сахалин, и секое тектонско поместување таму, влијае врз поширокиот континентален дел на Евроазија. Болшевичката револуција во 1917 година, и падот на Железната завеса во 1990-те години се главните примери од учебниците по историја. Случувањата во руската престолнина од 20 јули до 10 август, го одбележаа почетокот на крајот на една власт заснована на лажни ветувања и клептократско-непотистички систем на уредување.

Пред точно две децении, на 9 август 1999 година, поранешниот руски претседател Борис Елцин и официјално го именува тогашниот политички аутсајдер Владимир Путин за свој наследник – со церемонијалнто назначување на функцијата премиер. Седум месеци подоцна, во текот на конструирана од безбедносните служби масовна хистерија предизвикана од експлозиите на станбени згради во три руска градови, при што загинаа над 300 невини жители, предуслов за почеток на Втората чеченска војна, Путин стана претседател на Русија.

Неговата власт беше вивната на крилјата на теророт и, точно две децении подоцна, завршува со терор.

Овојпат со селективно тепање и задржување на мирни жители во центарот на Москва кои излегле на прошетка да побараат свое претставништво во локалната власт. Формалната причина за масовните протести е блокада на независните кандидати да учествуваат во изборите за во Градската дума. Но тоа е всушност иницијална каписла, буре барут за експлозија од масовно незадоволство.

Широкиот народен бунт, толку масовно изразен после протестите во 2011 година, е насочен кон полициската бруталност – кандидатите за советници кои собираат потписи се поистоветуваат со терористи, полицијата им вршеше ноќни упади и сега се зад решетки, а мирните демонстранти се отстрануваат од улиците како „опасни елементи што го попречуваат животот и сообраќајот во градот“. Но и бунт против епохалната кражба на ресурсите на земјата од страна на високите чиновници, добар дел од нив претставници на министерствата за сила и принуда (таканареченитесиловики, заслужни за крахот на демократијата во земјата) и олигарсите.По две децении власт на Путин, Русија на економско-развоен план стана земја од третиот свет, а неговите рејтинзи стрмоглаво паѓаат.

Режимот всушност, посегна по такви антицивилизациски мерки кои се покажаа како чист фашизам, во целата полнотија на тој збор – уличен пресметки со мирни граѓани предизвикани од бруталноста на командоси и специјалци во полна боева опрема, кривични пријави за мирен протест на десетици кои се соочени со долгогодишни затворски казни, и за „повреда и психолошка траума на полицаец од фрлена пластична чаша“, закани за одземање на малолетни деца од родители кои дошле на протести со нивните најмили.

Историјата покажа дека фашизмот е всушност вградување страв во менталниот склоп на жртвите на репресија. Режимот се служи со заплашување за да се спречат масовни протести со милионски одзив и да се зачува деценискиот еквилибриум на воспоставена клептократија.

Но, репресивните системи стануваат излишни со умножувањето на нивната кафкијанската апсурдност, и власта во Москва прекрасно разбира дека настапува крајот, полека но сигурно. Слично како спората смрт на пост-брежњевски и пост-андроповски Советски Сојуз – многумина од нас, претставници на последните југословенски генерации, можеа да го почувсвуваат тоа на своја кожа.

Можеби режимот на Путин е доволо силен за да ја одложи историската неизбежност, и да се одржи на страв и терор уште некое време, но температурата на усвитеност е достигната, станува јасно дека ова се неговите последни голтки воздух. Протестите продолжуваат.

Какви последици остава залезот на режимот во Москва на меѓународно поле? Крај на мултиполарниот свет што Путин сакаше да го воспостави и за малку не му успеа.

Вашингтон на ова одговори „Вова, вредеше да се проба, но добра ноќ, благодарам и збогум“.

Поинакви односи на моќ

Американската внатрешна политика е можеби исто толку хаотична како и руската, но во амриканската постојат поинакви односи на моќ. Теророт не произлегува од власта туку, напротив, од самиот народ. Преголемата слобода на индивидуата, подложна на двовековна либерална регулација и демократски односи го зачува и вознесе Вториот амандман.

Американската желба за контрола (контролфрик) е изразена во следната максима: „Да се воспостави ред во хаосот“. Ние тоа би го нарекле креативен хаос. Вториот амандман, на поединецот му овозможува слободно купување и носење оружје, и е одраз на оваа максима. По масовните пукања во Ел Пасо, Тексас и Дејтон, Охајо минатиот викенд кога загинаа над 30 лица и повеќе од педесетмина беа повредени, Американците покажаа дека стварно им доста од хаосот произлезен од оваа архаично-либерална поправка на Уставот која датира од крајот на 18 век. Хаос засилен и од непостојанствто во власта на Трамп.

Американската елементарна култура и традиција нема никогаш да му го простат Ел Пасо поради еден важен момент.

Масовни пукања се случуваа и во средни и во основни училишта, на факултати, во ресторани, цркви и синагоги; пукања имаше и во воени бази и на маратони; загинаа стотици. Сепак, никогаш досега не се случило пукање во преполн Волмарт.

„Супер продавница“ која во имагинацијата на луѓето овде е прифатена како храм на американскиот стил на живот секојдневно посетуван од милиони – масовен конзумеризам, „црн петок“, празнични купувања за Божиќ. Волмарт има посебно место во овие чисто американски наративи. Од овде започнува американскиот сон.

До пред некоја година Волмарт имаше и праг на толерантност за ситните кражби – украдената стока во вредност пониска од 25 долари не се пријавуваше во полиција. Еден вид премолчена социјална помош за сиромашното и бездомно население. Оттука,после сквернавењето на Волмарт во Ел Пасо, ревизијата на Вториот амандман е завршена работа, без разлика на резултатите од изборите идната година.

Конечно, кој и да стане домаќин на Белата куќа од јануари 2021 година, едно од најпозитивните остварувања на Трамп во сиот тој период ќе остане победата во трговската војна со Кина.

Пекинг за Путин е клучниот ас во светската „хибридна војна“ за воспоставување мултиполарен свет. Но и оваа земја, како Русија, има свои структурни слабости – кинеската економија е пред сериозен испит отакако Трамп, непосредно пред нашиот Илинден постави ултиматум до Кина – зголемени царини за увоз на некои кинески производи или царини за речиси сиот увоз од Кина.

Дисбалансот во трговијата помеѓу двете земји е огромен – во 2018 година Кина им продале на САД стоки во вредност од речиси 660 милијади долари, додека САД извезуваат во Кина повеќе од петпати помалки – околу 120 милијарди долари.

Перформансите на кинеската економијата за да излезе победник во трговската војна не се толку добри колку што се проценуваше.

Според експерти, во земјата има милиони изградени станови во станбени згради кои зјаат празни со години. Се наѕира меур во оваа област, откако за изградбата на овие станови за решавање на станбеното прашање во големите градски агломерации, Владата сеуште нема измирено долгови пред изведувачите во висина од стотици милијарди долари.

Во комбинација со кинеските ризични странски инвестиции во Африка, Азија и Европа, меурот може да пукне во секој момент и јуанот да девалвира до рекордно ниво. Корупцискиот скандал од времето на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ со изградбата на автопатот Кичево-Охрид е мало делче од таа кинската глобална иницијатива за ширење влијание наречена „Појас и пат“, која шири и нестабилност.

Ако навистина пукне кинескиот меур, тогаш настапува и симболичната смрт на мултиполарниот свет на Путин.

Слики: Nate Kitch

Слични содржини