„Народното изразување“ на Заев можеби личи на онаа народната кога кравата сама ќе си го турне ведрото со млекото што го дала. Ама, ред е да се потсетиме дека оваа владејачка гарнитура го донесе законот за спречување дискриминација и според сексуална определба. И дека Заев даде лична донација за Сигурната куќа на ЛГБТ центарот. Истиот центар кој во времето на Груевски беше два пати нападнат и искршен, а напаѓачите уште не се најдени. Конечно, оваа власт го обезбеди и одржувањето на историската прва парада на гордоста.
А што се однесува до истечениот доказен материјал за „Рекет“ во италијанскиот „Ла верита“ и неговото масовно објавување во сите македонски медиуми, ред е е да се потсетиме дека во 2015 кога Заев почна да ги објавува бомбите од нелегалното прислушување на власта на Груевски, јавниот обвинител Марко Зврлевски им забрани на медиумите да ги објавуваат. Јавниот сервис МРТВ строго ја почитуваше таа забрана и никогаш ништо не објави. Сите други што објавуваа живееја во страв дека ќе дојде полиција да ги уапси.
Така што, не се сите баш исти. И ова не е релативизирање на изјавата на Заев. За „народното изразување“ за „педерите и суетниот новинар“ едноставно – нема оправдување. Ниту пак може да се одбрани извинувањето дека мислел на „педер како карактерна особина“.
Додуша, за неговата изјава извинување побараа и здруженијата за човекови права и новинарските здруженија. За „неколкуте криминалци“ никој не побара извинување. Оти криминалците не се суетни. А не се ни педери по карактер.
Одговорен политичар не смее да си допушти да дава квалификации и да стигматизира. Оти ако продолжи Заев со вакви неодговорни изјави, тогаш тоа што го прави ќе биде помалку важно од тоа што го збори. Е тогаш – сите ќе бидат исти.
…
Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука