Косовско МНР: Белград со подмитување фалсификува ноти за повлекување на косовската независност

од desk4
171 прегледи

Министерството за надворешни работи на Косово изрази „длабока загриженост“ поради медиумските извештаи дека, наводно, високи државни фукционери на Централноафриканската Република биле поткупени од официјални претставници на Министерството за надворешни работи на Србија, за да издадат фалсификувана нота во врска со признавањето на независноста на Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Реакцијата на косовското МНР следува откако медиумите во Приштина го пренесоа извештајот на африканската телевизија ЦНЦ, според која досегашната министерка за надворешни работи на Централноафриканската Република, Силви Баипо-Темон, била поткупена за да фалсификува нота за повлекување на прзинавањето на косовската независност од страна на нејзината држава. Според ЦНЦ, Баипо-Темон, на тајна средба во Франција, од лице идентификувано како „Владимир“, за кого се тврди дека бил испратен од шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, добила поткуп од околу 350 илјади американски долари за да потпише наводна нота за повлекување на признавањето на косовската независност.

Во синоќешната реакција на косовското МНР се вели дека овој случај е потврда оти „Владата на Србија ги инсталира корупцијата и митото како дипломатски средства за добивање фалсификувани документи“ за наводните повлекувања на признавањата на косовската независност.

– Косово е подготвено да дејствува како конструктивен сосед, меѓутоа Србија инсталира клима која не создава простор за нормализирање на односите. Ние сме длабоко вознемирени од тоа што српската Влада ги инсталира корупцијата и митото како дипломатски средства за добивање фалсификувани документи кои не служат за друго освен за влошување на односите меѓу Косово и Србија, се вели во реакцијата на официјална Приштина.

Косово, наведува МНР, во последните три години се соочува со „дипломатска и пропагандистичка кампања без преседан, со поддршка од Русија и други земји кои ја попречуваат интеграцијата на земјата во меѓународната заедница“.

Во врска со наводните повлекувања на признавањата на косовската независност од некои држави, Приштина тврди дека Белград, во борбата против Косово ги користел „подмитувањето, корупциските афери, продажбата на оружје и договори за укинување на визите, како и неморални афери“.

– Ние сме ги следеле последниве години овие дипломатски средства користени од страна на Србија и неколку пати сме го покренале тоа прашање во Брисел и во главните западни центри со конкретни факти. Истовремено сме ја информирале и јавноста за начинот како Србија го користи митото и корупцијата, се вели во реакцијата.

Србија, тврди косовското МНР, повикуваше во Белград „странски официјални претставници, не водејќи сметка за нивниот легитимитет и преку подмитување набавуваше ‘дипломатски ноти’ и други лажни документи, кои беа демантирани и од самите матични држави“.

– Меѓународни организации, како „Амнести интернешнл“ изразија загриженост поради продавањето оружје од Србија во Африка. Во многу земји тоа е користено како средство за јакнење на домашната пропаганда за Дачиќ, тврди косовското МНР.

Изведувач на овој вид работи за сметка на Дачиќ, според косовското МНР, е лицето Владимир Цизељ, за кого се вели дека е „познат по неговото криминално минато и врските со организираниот криминал во Европа“, а е ангажиран од Владата во Белград како советник на шефот на српската дипломатија.

Цизељ со неговата фирма „Влатаком“, според наводите на Приштина, е познат по коруптивните афери со тендери за српското Министерство за внатрешни работи во времето кога Дачиќ, во 2012 година, го водеше тоа Министерство. Во последно време, тврди Приштина, Цизељ лобирал во разни држави и поткупувал функционери за издавање наводни документи за повлекување на признавањето на косовската независност, а освен тоа посредувал во тајни зделки на Белград со режимот во Венецуела.

– „Влатаком“ претставува опасност, не само за националната безбедност на Косово и нејзината меѓународна позиција, туку и како центар за недемократските режими за трговија со воена опрема, вклучувајќи ја и Венецуела, која е во голем конфликт со меѓународната заедница околу состојбата со човековите права, се вели во соопштението на косовското МНР.

Повод за реакцијата на косовското МНР беше вчерашната изјава на Дачиќ дека признавањето на независноста на Косово го повлекла и Того, како 15-та држава која го сторила тоа во последниве неколку години.

Претставникот на МНР во Приштина Јетлир Зиберај за медиумите изјави дека Владата „нема да ја коментира пропагандата и фалсификуваните документи на Ивица Дачиќ“ и дека единствената работа со која ќе се занимава со него се „воените злосторства што Социјалистичката партија на Србија и неговиот некогашен партиски шеф (Слободан) Милошевиќ ги извршија во Косово“.

Слични содржини