Овогодинешниот Самит на Г-7 во Бијариц ќе остане запаметен по изненадната посета на иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф и ветената помош од 20 милиони долари за борба против пожарите во Амазонија, но што се однесува до светската економија, мали ветувања можеа да се слушнат од лидерите на најразвиените индустриски земји.
Пред самитот помеѓу лидерите на земјите членки на Г-7 имаше големи разлики во ставовите по повод светските трговски односи, Брегзит, пожарите во Амазонија и враќањето на Русија во групата, а чиј домаќин Емануел Макрон беше за создавање на можности за обединување на индустриски најразвиените земји, кои во изминатите години имаа потешкотии да зборуваат во еден глас, наведе Ројтерс.
Лидерите на Г-7, која ја сочинуваат Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, се договорија да обезбедат 20 милиони долари итна помош за борба против пожарите во Амазонија, бидејќи само во Бразил избиле 80.000 пожари кои се проширија и на соседна Боливија.
Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, меѓутоа ја одби нивната помош, нарекувајќи ја колонијалистички чин.
По Самитот, Макрон објави кратко соопштение од Г-7, во кое се наведува посветеноста на лидерите кон „отворена и фер светска трговија и стабилност на глобалната економија“.
Во соопштението се истакнува „големото единство“ помеѓу лидерите, учесниците на Самитот на Г-7, што е, како што забележа АП, во спротивност со минатогодишното соопштение од Самитот во Канада, што го отфрли американскиот претседател Доналд Трамп.
Соопштението од Самитот на Г-7, според зборовите на Макрон, е објавено на една страница.
Порталот Политико во европското издание, меѓутоа, констатира дека оваа година на Самитот не можеле да се слушнат вообичаените референци кои се однесуваат на „просперитет“, „економски раст“ или „трговија во взаемен интерес“ и заклучува дека тоа го немало со добра причина бидејќи ништо не можеле да ветат.
– Слабата глобална економија, разнишана со трговските војни и протекционизмот… остана исто ранлива и кога делегациите ги спакуваа торбите и тргнаа кон дома, пишува Политико.
Соопштението со таков тоналитет, како што оценува порталот, укажува дека клубот Г-7 не е повеќе насочен на тоа богатите да станат побогати, а сиромашните да имаат некаква корист од тоа, туку сега изгледа дека сите се обидуваат финансиски „да се одржат на вода“.
Во соопштението се осврнуваат и на ситуацијата во Хонг Конг со порака дека Г-7 „го потврдува постоењето и значењето на Кинеско-британската заедничка декларација од 1984 година за Хонг Конг“ и апелира да се избегнува насилството, што наиде на осуда од Кина.
На Самитот, како што наведува Јуроњуз, Париз и Вашингтон ги приближија ставовите и по прашањето на францускиот така наречен ГАФА данок, чие име се однесува на „Гугл“, „Епл“, „Фејзбук“ и „Амазон“. Францускиот претседател изјави дека двете земји планираат заеднички да работат на „модернизација на меѓународниот фискален систем“.
Постигнато е компромисно решение помеѓу францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, неговиот американски колега Стивен Менучин и економскиот советник на Белата куќа Лари Кадло, а предвидува режим според кој Франција ќе им ја исплати на компаниите разликата помеѓу својот данок и планираниот механизам кој ќе го изработи Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), пренесува агенцијата Ројтерс.
Францускиот данок од три отсто на приходите од дигиталните услуги ќе го платат компаниите чии годишни приходи во Франција надминуваат 25 милиони евра односно 750 милиони евра на глобално ниво.
Емануел Макрон порача дека и лидерите на Г-7 се подготвени да ги модернизираат правилата на светската трговија.
– Г-7 сака да ја реформира Светската трговска организација поради поефикасна заштита на интелектуалната сопственост, побрзо решавање на споровите и стопирање на нефер праксата, наведе Макрон.
На прашањето за трговската војна помеѓу САД и Кина, Макрон рече дека американскиот претседател Доналд Трамп јасно изразил волја да се постигне договор со Пекинг и дека Франција поддржува такво сценарио.
Иако судирот во источна Украина не беше една од централните теми на Самитот, Макрон на завршната прес-конференција спомна дека тој и германската канцеларка Ангела Меркел наскоро ќе одржат состанок со лидерите на Русија и Украина во обид за решавање на кризата.
Тоа што со нетрпение се очекуваше од овогодинешниот Самит беше првата средба на Трамп со Борис Џонсон како британски премиер.
Американскиот претседател Доналд Трамп му кажа на Џонсон дека сочувствува со него во обидите да постигне договор за Брегзит, навестувајќи и дека ЕУ ќе биде бескомпромисна и оти тешко ќе се дојде до договор.
Зборувајќи на крајот на Самитот на Г-7 во Франција, Трамп отворено го пофали Џонсон, кој власта ја презеде минатиот месец и рече дека мора да се обиде да направи нешто со Брегзит, што е задача во која не успеа неговата претходничка Тереза Меј.
Настанот што го „раздрма“ Самитот е изненадното доаѓање на шефот на иранската дипломатија во Бијариц, што подоцна се утврди дека не беше така ненадеен.
Францускиот претседател Макрон лично, имено, го извести американскиот претседател дека шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф е повикан во Бијариц.
Трамп потоа рече дека не бил изненаден кога францускиот претседател го поканил иранскиот министер за надворешни работи во обид да покрене нови разговори и да ги намали тензиите.
– Ме праша. Тоа воопшто не го сметам за безобразно, особено кога ме праша за дозвола, изјави Трамп, а пренесува Ројтерс.
Една од темите кои беа покренати на Самитот е и вражањето на Русија и заживување а Г-8. Трамп, пред Самитот во Бијариц, изјави дека сака да се врати Русија.
Вечерата на лидерите на Г-7, одржана во саботата, помина во „прилично напната“ атмосфера, бидејќи лидерите изразија несогласување со американскиот претседател за бројни прашања, вклучително и како да се однесуваат кон Русија, наведоа неименувани извори.
Според изворот, Трамп зазел став дека Русија е „водечка сила“ која мора да биде вклучена во дискусијата., пренесува АП.
Трамп навести дека преферира кон тоа да ја повика Русија на Самитот следната година во САД.
Изразувајќи желба да биде домаќин на следниот Самит на Групата 7, Трамп како локација го предложи одморалиштето со голф терен, што го поседува во Мајами.
Трамп рече дека неговото одморалиште во Флорида би било „совршен избор“, поради неговата големина, а поради фактот дека е оддалечено пет минути со автомобил од аеродромот во Мајами.