Костеланчик: Неопходно е изгласување на изборните реформи

од Vlatko K
133 прегледи

Новиот директор за Централна и Јужна Европа во Стејт департментот на САД, Дејвид Костеланчик, вчера престојуваше во Тирана, во време кога политичката криза достигнува кулминација.

-Иако не дојде во Албанија како преговарач, тој оствари средби со сите главни актери на политичката криза во земјата, пренесувајќи им ја на албанските политичари пораката на официјален Вашингтон за состојбата во земјата, наведува тиранската телевизија Топ чанел.

Високиот американски функционер посетата ја почна со средбата со претседателот на парламентот, Грамоз Ручи, каде што всушност политичката криза и почна со откажувањата од мандатите на пратениците од опозициската Демократска партија и Социјалистичкото движење за интеграција.

Во соопштението од кабинетот на Ручи, меѓудругото, се наведува дека амерканскиот висок претставник ја нагласил потребата од изгласување на изборните реформи, порачувајќи дека одговорност на владата e подадената рака за опозицијата да овозможи реализација на оваа реформа.

Спроведувањето на оваа реформа во текот на годината, според американскиот официјален претставник, ќе овозможи и успешно албанско претседателствување со ОБСЕ во 2020 година.

Реформата во правосудството беше друга тема за која се разговало на средбата, при што Костеланчик истакнал дека „ветингот“е силно поддржан од САД.

Лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија,Љуљзим Баша, за средбата со високиот гостин објави неколку редови на Твитер.

-Ставањето крај на неказнивоста на политичарите, на корупцијата и на заробената држава, како и враќањето на владеењето на правото и зајакнувањето на стратешкото партнерство на Албанија со САД, беа во фокусот на отворената и конструктивна дискусија со директорот Костеланчик.

Лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, на социјалните мрежи напиша дека на високиот гостин му го кажала ставот дека отворањето на преговорите со ЕУ се условени со спроведување слободни и демократски избори.

-Поради оваа причина, нагласив дека изборите треба да се одржат што е можно поскоро и според потребните стандарди, бидејќи тоа е единствениот начин за европска интеграција на Албанија, напиша Круемади.

Посетата ја заокружи со средбата со премирот Еди Рама,за која нема детали.

Костеланчик не се сретна со претседателот Илир Мета.

Слични содржини