Во рамки на специјалната операција на грчката полиција за борба со трговија и шверц на цигари и дрога, во дворот на Економскиот факултет во центарот на Атина, во две одвоени акции, вчера и денеска, беа уапсени вкупно пет лица, странски државјани и запленети 3564 кутии шверцувани цигари наменети за продажба.

Ова е првпат полицијата да спроведе акција во дворот на факултетот, со оглед на тоа дека студентскиот имунитет не дозволуваше полициска интервенција на универзитетите, а шверцерите на цигари го злоупотребуваа тоа и се криеја во дворот на Економскиот факултет во центарот на грчката престолнина, jави дописничката на МИА од Атина.
Сега, откако по иницијатива на новата грчка Влада се направија промени во законот за студентски имунитет, токму за да се спречи трговијата со дрога и цигари на универзитетите, полицијата спроведе акција во која вчера беа уапсени три лица и запленети 2457 кутии цигари, а утрово полицијата уапси две лица и заплени 1107 кутии цигари наменети за продажба.
За време на денешната акција во близина на Економскиот факултет во Атина, биле приведени 18 лица и се истражува дали се вмешани во случаи со трговија со дрога.