Прилепскиот театар бара да се оддели од Центарот за култура „Марко Цепенков“

од desk2
178 прегледи

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“  покрена иницијатива до Министерството за култура да биде посебен правен субјект и да се одвои од Центарот за култура „Марко Цепенков“, во чиј состав е од 2004 година.

В.д директорката на Центарот, Марија Спиркоска-Илијеска, изјави дека иницијативта со потписите од вработените во театарот е испратена во Министерството, а на влезната врата на театарот денеска е поставен натпис: Театар „Водјан Чернодрински“-Прилеп.

– До Министерството за култура испратено е писмо на кое се потпишани сите актери и вработени во оваа институција за конечно одделување на театарот „Војдан Чернодрински“ од Центарот за култура „Марко Цепенков“ како посебен субјект. Да биде посебен субјект: Народен театар или театар „Војдан Чернодрински“. Токму денеска, на влезната врата од тетарот се постави името на институцијата: Театар „Водјан Чернодрински“-Прилеп. Нема да запреме, зашто нашата енергија и мотивот нема да нè остават индиферентни, за театарот да биде посебна институција. Прилеп заслужува подобри услови за ансамблот, да нуди поголеми театарски креации. Имаме позитивно мислење од Министерството. Такво мислење и барање имаат упатено и пет до шест театри во земјава кои сѐ уште се во склопот на центрите за култура, изјави Спиркоска-Илијеска.

Во меѓувреме, има барања и за реновирање на стариот објект, како и потсетување дека ќе се гради нов објкект на Театарот во склопот на Домот на културата „Марко Цепенков“.

-До Министерството за култура доставивме предлози и дописи за реновирањето на овој, стар објект на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, а потсетивме и на изградбата на нов театар кој треба да биде во склопот на Центарот за култура „Марко Цепенков“, како доградба и надградба на објектот. И покрај идејата за нов објект, треба да се реновира постојниот зашто условите за работа се повеќе од скромни и речиси невозможни и се под нивото за една претстава да се направи според европските критериуми, објаснува Спиркоска-Илијеска.

Во театарот се направени промени. Со помош на театарската група „Театар 5, сцена 4“, поставена е пристапна рампа и е комплетно преуредено фоајето на театарот.

-Ова е наше ново време. Време на младата екипа која тежнее да стане европска и со висок потенцијал. Донесовме промени. Поставивме пристапна рампа до влезот на Прилепскиот театар. Во фоајето се истакнати сите награди на прилепскиот ансамбл, кои навистина се многу и треба публиката да ги види. Тоа се бројни награди добивани со децении, истакна  Спиркоска-Илијеска.

Инаку, идејата за нов театар е во фаза на идејно решение за модерна градба, како продолжение на сегашниот Дом на културата „Марко Цепенков“.