Илјадници луѓе од пет каталонски градови денеска се собраа и се упатија кон Барселона, каде в петок е најавен генерален штрајк и масовни демонстрации.
Демонстрантите носат транспаренти на кои пишува „Слобода за политичките затвореници“ , алудирајќи на деветте каталонски претставници, кои се осудени на затворски казни поради улогата која ја имаа во обидот за отцепување на Каталонија во 2017 година.
Шефот на каталонската Влада, Квим Тора се придружи на еден од маршевите, истакнувајќи дека сака да биде со народот.
– Овие мирни маршеви што се случуваат ширум земјата (Каталонија) се најдобар одговор на каталонскиот народ на судската пресуда, посочи Тора.
Тој не го критикуваше насилството на улиците, како што тоа го направија другите политичари, дури и тие што се за независност.