„Апелација го врати судењето од почеток“, „Поради истек на 90 дена, судењето почнува од почеток“, „Повторно одложено рочиштето за предметот“ се насловите кои најчесто може да се видат на медиумите за случаите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Во најголемиот дел од случаите, прстот се вперува кон судијата на предметите, но не секогаш е така.
Претседателката на Институтот за човекови права, судија на Уставниот суд во Босна и Херцеговина и поранешен судија во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска во изјава за Локално вели дека пред се мора да се види однесувањето на странките, должината и содржината на предметите, иако не ја исклучува и одговорноста која ја имаат судиите.
Според неа, работа на Судскиот совет е да увиди за што се случува тоа со предметите и дали одговорноста е во судијата.
„Не можам да дадам релевантна оцена без да имам увид во предметите. Должината на постапката апсолутно не се гледа како должина на судењето. Треба да се запази и однесувањето на странките, должината и содржината на предметот. Не може се да се третира како вина на судијата“, вели Цаца Николовска.
Таа додава дека законодавецот предвидел по истекот на 90 дена судењето да почне одново, што не значи поништување на случајот и буквално почнување од почеток.
„Во однос на тие 90 дена, законска обврска на судијата е откако ќе изминат судењето да почне одново, но не такво повторување со тоа што целосно се поништува, туку се дава право на странките да го кажат тоа што го кажале, или нешто ново, а тоа може да биде од корист за двете страни“, вели Николовска за Локално и додава дека тие 90 дена треба да бидат оценети и од аспект на судијата, односно може да бидат елемент за негова одговорност.
Судијката потенцира и дека доколку некој смета дека му е повредено некакво право, може слободно да се обрати до Врховниот суд, но и до Европскиот суд за човекови права, без да биде завршена постапката, односно ако истата се води споро и се одолговлекува.
Вината ја гледа и во дел од медиумите, кои според неа пренесуваат се во една реченица, а јавноста, која не ги гледа предметите во целост, верува во тоа што ќе и се пренесе.
За ветингот во судството, кој беше најавуван, а за кој премиерот Зоран Заев во телевизиско интервју рече дека побарале од ЕУ да дозволи распуштање на судиите и ветинг, но не било дозволено до стартот на преговори, судијката Цаца Николовска вели дека е потребен.
„Ветингот се поистоветува со оној во Албанија и затоа меѓународната заедница рече дека не е потребен. Апсолутно никој не загрозува да се испитува се она што може да допринесе до независност во судството и избор на судии. Имавме ситуација кога во Судскиот совет се однесуваа неодговорно, имаше видливи злоупотреби на Акмис системот, а од Судскиот совет велеа дека нема злоупотреби“, рече Николовска и истакна дека мора да има промени во правосудството.
Според неа, недозволиво е во Врховниот суд да не може да конкурира истакнат професор од правосудството, бидејќи спојот на теорија и пракса е потребен.
„Така во Врховниот суд може да конкурираат само судии од пониските судови. Во Европскиот суд за човекови права половина се судии, половина професори, и тој спој на теорија и пракса е потребен и корисен“, смета поранешната судијка во ЕСЧП.
Александар Тодески