„Блокирањето на патот кон ЕУ претставува пораз на целиот политичкиот естаблишмент во државата. Тие, „поразените” и безидејни кои се собраа на таканаречена Лидерска средба, не можат да најдат решение, туку изговор пред народот и смисла за нивната понатамошна бесмислена политичка егизстенција во заробената Република!“, стои на официјалната страна на македонската политичка партија Левица.
Подолу во соопштението, стои дека европското семејство е бирократска унија, како и дека кога Левица ќе ја освои власта, кривично ќе ги гони сите субјекти кои постапиле спротивно на волјата на граѓаните.
„Но, народот не беше поразен сега! Не смееме да продолжиме да ги колективизираме поразите, а победите да ги приватизираат тие кои одбиваат да понесат одговорност за состојбата на заедницата.
Целиот политички естаблишмент, не само што не ги трпи последиците од нивните расипнички политики, туку, напротив – профитира од таквата состојба! И датумот за отпочнување на преговори со ЕУ е фундаменталистички претставено како решение на проблемите кои токму тие ги предизвикаа, а да го добиевме, тој единствено ќе им послужеше на бизнисмените, транзициските профитери и бирократите блиски до власта.
Јасно се гледа дека ЕУ е бирократска унија која што го штити капиталот и во нивниот последен извештај, каде што беше испратена критика до македонските власти за недостатокот на напори за приватизација на ЕЛЕМ, а позитивно беа оценети приватизациите на Тутунскиот Комбинат и Еурокомпозит.
АСНОМ-ските вредности на солидарност со сите опресирани народи, колективно поседство на јавните и природните ресурси и политичка власт на работниците се излезот од бедата и сиромаштијата на угнетените, излез на кој политичкиот естаблишмент веќе 30 години ни ја нуди безидејната (но комплетно профитерска) ЕУ алтернатива. Поданичкиот однос спрема шовинистичките политики на странскиот фактор е погубен за Република Македонија и тој ни ги донесе единствено Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, иако ни ветуваа дека со нив мед и млеко ќе тече во Републиката!
Откако ќе ја освои власта, Левица најитно ќе ги раскине овие погубни договори и ќе се заложи за политичко и кривично гонење за сите субјекти кои постапија спротивно на демократски изразената волја на народот, кои ги приватизираа јавните добра и го фрлија народот во беда и кои сервилно играа како што Западот свиреше за лично богатење и просперирање“, стои во соопштението.