Седница за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување

од desk4
229 прегледи

Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска расправаше по измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, поднесени од група пратеници од опозицијата. Со овие измени, велат тие, ќе се исправи неправдата што на пензионерите им била нанесена од власта, која донела закон кој не овозможува реално покачување на пензиите. На ваквиот став реплицираа пратениците од партиите на власт, кои посочија дека било неопходно консолидирање на пензискиот систем чие функционирање минатата власт го довела во прашање. Покачување, рекоа, ќе има и тоа ќе се направи преку системски пристап.

Согласно измените, се бара враќање на претходното законско решение, односно усогласувањето на старосната пензија да се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во државата во висина од 50 отсто. Пензијата да се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во државата во предходното полугодие во однос на полугодието кое му предходи, а пензијата остварена во тековната година претходно да се сведува во месечен износ според порастот на платите од декември предходната година во однос на просечната плата истата година.

Пратеничката Слаѓана Митовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека по последното усогласување на пензиите кое се прави согласно постојниот закон пензионерите кои примаат минимална пензија добиле покачување од 36 денари, а просечната пензија се зголемила за 63 денари.

Ова рече таа, го нарушува нивното право на достоинствен живот. Затоа бараме да го поддржите донесувањето на измените кои ќе овозможат поголемо зголемување на пензиите.

На ова реплицираше пратеничката Катерина Кузмановска од СДСМ која истакна дека и до сега имало зголемување на пензиите, како и дека ќе има поголеми зголемувања во иднина. Но, додаде таа, тие треба да бидат резултат на системски пристап, а не на ад хок решенија како што правела минстата власт која со популистички пристап во зголемувањето на пензиите само го доведа во огромен минус фондот на ПИОМ, кој,  како што рече, оваа власт го стабилизирала.

Слични содржини