Лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и претседател на последниот состав на Собранието на Косово, Кадри Весели објави денеска дека добил покана од Специјалниот суд за воени злосторства во Косово за интервју кое ќе се одржи на 4 декември оваа година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Весели во изјава за медиумите најави дека позитивно ќе одговори на поканата од меѓунарoдниот суд, чие седиште е во Хаг.
– Како еден од водачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) јас денеска примив покана од Специјализираните комори за интервју на 4 декември во Хаг. Како што од порано сум ветил, во моментот кога ќе добијам една таква покана јас тоа ќе го соопштам јавно, изјави Весели.
Тој порача дека е горд поради своето дејствување во минатото против југословенскиот и српскиот режим и на тоа одговорил „на повикот на татковината за слобода на нацијата“.
– Цел живот се залагав за доброто на Косово (…) На демонстрациите од април 1981, како учесник, а потоа во повеќето од нив и како оргaнизатор и водач. Од средината на 80-те години влегов со идеал во патриотските, антијугословенски организации за да се спротивставам на ропството и да работам за слободата. Епохата на ОВК е најгордиот дел од мојот живот. Благословен сум што бев еден од нејзините идејни творци и основачи, борец за слободата до ослободувањето на земјата, рече Весели, додавајќи дека од април 1999 до јуни 2008 раководел со Информативната служба на Косово (ШИК).
Тој порача дека слободата на Косово ја извојуваа сите заедно, додека ОВК е нејзин симбол.
– Меѓутоа, треба да се прифати фактот дека праведната борба на нашиот народ за слобода постојано е напаѓана. Од завршувањето на војната, ова е петти судски процес пред кој излегува оваа борба. Почнувајќи од УНМИК, за да продолжи со Хашкиот суд, ЕУЛЕКС, домашната правда и сега со Специјалниот суд. Не верувам дека во историјата на ослободителните движења има сличен пример, рече Весели.
Тој изрази надеж дека и овој процес ќе го добие својот епилог, „засновајќи се на вистината, фактите и правдата“ и дека конечно ќе престанат штетите кои му се нанесуваат на Косово.
– Убеден сум дека и овој суд ќе ја потврди праведната борба на Ослободителната војска на Косово, но и дека ќе престанат ударите врз вистината за нашиот народ и за Ослободителната војска на Косово, порача Весели.
Специјалниот суд со седиште во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа оваа меѓународна правна институција ја започна на 14 јануари годинава, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.
Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 200 поранешни водачи или други припадници на ОВК.
Меѓу оние кои добија покана е и поранешниот командант на ОВК Рамуш Харадинај кој, поради тоа, во јули годинава поднесе оставка од премиерската функција, по што беа распишани вонредни парламентарни избори, кои се одржаа на 6 октомври.
Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на наводно извршени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.
Првите обвиненија, според приштинските медиуми, се очекува да бидат подигнати до крајот на оваа година.