Министерката Царовска прогласена за „Жена на годината 2019“

од Ивана Рамаданова
371 прегледи

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска беше прогласена за „Жена на годината 2019“ во рамки на првиот македонски избор, како дел од конференцијата „200 жени претприемачки“.

Во онлајн номинирањето учествуваа 569 луѓе, а дамите со најмногу номинации формираа листа од 50 финалистки во вкупно 10 категории за кои потоа гласаше 10-члено жири составено од претставници на медиуми, компании и стопански комори.

Покрај, министерката Царовска, признанија добија и Ангелка Пеева Лаурениќ од „Имиџ ПР“ и Движењето за поддршка на креативноста “Браво Сине” во категоријата „Жена со трајни вредности”, Даниела Колиќ Димовска од „ЛИСЦА“ во категоријата „Жена со најдобар стил“ и Лила Филиповска од ТВ Сител во категоријата  „Инфлуенсерка на годината“.

Викторија Механџиска од „Зегин“ е прогласена за „Жена менаџер на годината“, Сања Лукаревска од УЈП за „Млада жена менаџер на годината”, а британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј за „Странец жена менаџер на годината”.

Режисерката на филмот „Медена Земја“, Тамара Котевска го доби признанието за „Жена со најголеми достигнувања во културата”, ракометарката Сара Ристовска за „Жена со најголеми достигнувања во спортот”, а Кристина Арнаудова од „Проект Среќа“ за „Жена со најголеми достигнувања за општеството”.

Посебна награда од организаторите, за регионален бизнис-нетворкинг проект, и беше доделена на Кристина Ерцеговиќ од Хрватска.

Целта на изборот е да им се оддаде признание на дамите кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и остваруваат забележителни резултати.

Организатори на манифестацијата „Жена на годината” се „Маркетинг365“ и „Касиа Евентс“, поддржувач на изборот беше Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), а главен покровител беше „Пивара Скопје“.

Слични содржини