Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вчера заеднички ја донела одлуката на прес конференција да се реагира на изјавата на лидерот на опозциската партија, Христијан Мицкоски дека ќе побара од пратеничката група на неговата партија да поднесе иницијатива за ратификација на протоколот за НАТО со одложено дејство, по примерот на Црна Гора.
Извори на Локално од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата тврдат дека вчера, кога седумтемина пратеници разговарале за изјавата на Мицкоски со нивниот став се согласила и пратеничката Елизабета Канческа Милевска, а не како што изјавила за Вечер, дека не е консултирана за ставот со кој пратениците од нејзината пратеничка група побараа оставка од лидерот на опозицијата.
Според изворите на Локално, Канческа Милевска рекла дека и она се согласува со нивнитот став, но дека денеска немало да биде во Собранието во време кога Емилија Александрова ја одржа прес-конференцијата.
Од пратеничката група се револтирани, бидејќи по налог на Христијан Мицкоски нивните колеги од опозициската партија застанаа покрај ѕидот кога осумтемина пратеници, вклучувајќи го и Зеќир Рамчиловиќ, кој сега делува како самостоен пратеник, гласаа за отварање на уставот.
Ставот на Независната пратеничка група е дека е лицемерно Христијан Мицкоски, кој неколку пати го негирал и потценувал генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека промената на името е неопходна, сега ќе наложи пратениците да потпишат иницијатива за Северна Македонија да отпочне ратификација за членство во НАТО.
Александар Тодески