Корупцијата и одлучувањето при постоењето на судир на интереси претставуваат феномени кои во значителна мера остануваат неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека борбата против корупцијата не дава задоволителни резултати, констатира Хелсиншкиот комитет за човекови орава по повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, 9 Декември.
Уште повеќе, Република Северна Македонија континуирано бележи значителен пад на ранг листата на индексот за перцепција на корупцијата – сериозен криминал што го поткопува социјалниот и економскиот развој.
„Хелсиншкиот комитет за човекови права се вклучува во борбата против корупцијата преку мониторинг на судските процеси за предмети во областа на организираниот криминал и корупцијата; давање на соодветна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија; застапување во насока на поголема одговорност и транспарентност на сите институции; настојување да се влијае кон спречување и ставање крај на неказнивоста и да се овозможи кривична одговорност за сите оние кои преку нивните коруптивни дејствија ги загрозуваат индивидуалните слободи и права и влијаат врз нарушување на системот на владеење на правото во државата“, велат од Хелсиншки.
Водејќи се од иницијативата за поголема одговорност и транспарентност на сите институции, Комитетот ја создаде интернет платформата www.prijavikorupcija.mk. Платформата е наменета за пријавување корупција од страна на граѓаните кои се сомневаат или кои ќе забележат постоење на корупција. Oваа платформа е осмислена како мост или алатка каде граѓаните ќе можат безбедно и со доверба да пријават корупција, како жртви или сведоци или пак ако имаат некаква информација за одреден случај. Покрај тоа, платформата на корисниците им овозможува да се информираат за корупцијата и нејзините елементи, ги информира граѓаните за нивните права како жртви или сведоци на корупција, но и за граѓанските обврски за пријавување до надлежните институции. Секако, и понатаму останува отворена можноста за директно пријавување во Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет.
„Што се однесува на оценките за состојбата со корупцијата, потсетуваме на последниот европски Извештај за напредокот на Северна Македонија, каде е констатирано подобрување на новата правна рамка за спречување на корупцијата и подобрена транспарентност при назначувањето на нови членови на Државната комисија за спречување на корупција. Сепак, и покрај зголемената проактивност на Антикорупциската комисија, вклучувајќи и кон функционери на високо ниво, корупцијата е распространета во многу области и останува еден од најсериозните проблеми во државата“, додаваат од Хелсиншки.
Во однос на препораките за надминување на состојбата, Европската комисија посочува дека земјата треба проактивно да ги примени новите правила за спречување и борба против корупцијата и да поттикне, од највисоко политичко ниво, проактивен став од страна на сите актери вклучени во оваа област. Потоа, да ја реафирмира политичката волја за борба против корупцијата, поддржувајќи ги сите релевантни институции со потребната автономија во остварувањето на нивните приоритети, како и човечките и финансиските ресурси. Да ја консолидира евиденцијата за конечни пресуди во случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со конфискација на криминални средства и да обезбеди правна одговорност за прислушуваните материјали, независно од тековните реформи во рамките на системот на обвинителството. Само на тој начин, државата може да се надева на позитивни резултати во борбата против корупцијата.