УНХЦР ги поздравува заложбите на Северна Македонија во рамките на Глобалниот форум за бегалци

од Ивана Рамаданова
276 прегледи

Воспоставување систем на заштита од сексуално и родово базирано насилство согласно Истанбулската конвенција кој вклучува заштита на бегалците и барателите на азил, решавање на повеќегодишната состојба на преостанатите бегалци од Косово преку давање долготраен правен статус во државата за сите кои се квалификуваат и зголемување на капацитетот за заштита на барателите на азил и лицата под меѓународна заштита преку зајакнување на управувањето со случаи за азил.

Ова се трите заложби со кои Северна Македонија кон глобалната иницијатива за заштита на бегалците.

Оваа недела во Женева се одржа Глобалниот форум за бегалци – состанок на високо ниво на влади, меѓународни финансиски организации, водачи на бизниси, хуманитарни и развојни чинители, бегалци и претставници на граѓанското општество. На него присуствуваа околу 3.000 учесници, вклучувајќи бегалци и 750 делегации.

Форумот, како што соопшти претставништвото на УНХЦР, е клучен елемент од Глобалниот компакт за бегалци што го потврдија државите членки на ОН во Њујорк во декември 2018. Следниот Глобален форум за бегалци ќе се случи за четири години, во 2023 година.

На Глобалниот форум за бегалци, претставници од Владите и други засегнати страни дадоа преку 770 заложби за поддршка на бегалците и заедниците во кои тие живеат. Заложбите се во области како вработување, образование, нови политики, финансии.

Во скора иднина се очекуваат дополнителни заложби, а поставени се и индикатори за да се мери напредокот. Состанок на кој ќе се разгледува статусот на заложбите ќе се случи за две години.

-Владите покажаа вистинска солидарност преку конкретни заложби на Глобалниот форум за бегалци што се одржа во Женева оваа недела. Среќна и благодарна сум што Владата на Северна Македонија уште еднаш се придружи кон глобалното движење на солидарност со бегалците доставувајќи три важни заложби што ќе имаат директен и моментен позитивен ефект врз животите на бегалците, изјави претставничката на УНХЦР во Северна Македонија, Моника Сандри.

Нивното спроведување, додаде таа, ќе ги подигне стандардите на заштита на бегалците во земјата.

-Заложбата да се реши ситуацијата на околу 70 семејства бегалци од Косово, по речиси две децении раселеност, ќе им овозможи да си го вратат достоинството и да придонесат кон заедницата во која живеат, а во исто време ќе ги унапреди стабилноста и помирувањето во регионот.  УНХЦР продолжува да соработува со Северна Македонија да се осигури дека ниту еден човек нема да биде изоставен, рече Сандри.

Слични содржини