Бојан Јовановски познат како Боки 13 добил решение од обвинителката Вилма Русковска дека за него е завршена истрагата за случајот со Меѓународниот сојуз. Тој денеска беше на распит во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, по што беше вратен во истражниот затвор во Шутка, каде заврши поради мерките за претпазливост за случајот „Рекет“, во кој тој е првообвинет.
Претходно, за случајот исказ даваа и останатите осомничени во случајот, потпретседателката на невладината организација, Јасна Мандиќ, неговиот татко Миле Јовановски, пратеничката Фросина Ременски и асистентката на Боки 13, Кристина Блажевска. Судот за Мандиќ определи мерка домашен притвор, додека пак на останатите осомничени им определи мерка времено одземање на патната исправа.
Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која го води случајот со Меѓународниот сојуз претходно најави дека обвинение ќе има на средината на јануари, односно по новогодишните празници.
Јовановски веќе е на обвинителна клупа за случајот „Рекет“, каде заедно со поранешната Специјална обвинителка, Катица Јанева се обвинети дека изнудиле од бизнисменот Орце Камчев еден и пол милиони евра со цел тој да добие поблаги мерки во случајот „Империја“. Третообвинетиот, Зоран Милевски – Кичевски призна вина и доби тригодишна казна затвор.