Концептот техничка влада за Заев треба да се преиспита, за Мицкоски е гаранција за демократијата, за Ахмети согласност од сите за каква било промена

од Aleksandar Petrovski
161 прегледи

Неколку дена пред најавеното формирање на техничката влада, кое треба да се случи на 3 јануари и во екот на разговорите за кадровските решенија во преодната влада пред изборите кои се најавени за 12 април од лидерите на двете најголемите владејачки партии, СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети и претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побаравме одговори на повеќе прашања меѓу кои и на тоа колку всушност концептот на техничка влада придонесува за демократизација на општеството, со оглед на тоа што првично Пржинскиот модел беше наменет за излез од тогашната политичка криза, а намерата не беше да стане системско решение.

Се уште актуелниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, кој во петокот за негов наследник во техничката влада го објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјава за МИА нагласува дека е потребно да се продолжи со работа на јакнење на институциите, а не на партиска контрола внатре во нив.

– Ние сме растеретени во делот на контролата врз власта. Нам секојдневно не контролираат граѓаните, медиумите, јавноста, невладиниот сектор. Токму затоа сметам дека оваа дебата, за ставање крај на инструментот „техничка влада“ треба да се покрене заедно со дебатата за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи, вели Заев.

Тој потсети дека техничката влада, позната и како „пржинска влада“ е модел на избор на влада, кој беше вграден во измените на Законот за влада по сериозната политичка криза што ја предизвика режимот.

– Заради недовербата во институциите, што дојде како резултат на автократското владеење на ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година, е предвидено 100 дена пред денот на одржување избори за пратеници во Собранието, а по претходна оставка на премиерот, Собранието да избере нова, преодна влада за спроведување на парламентарните избори, предводена од нов премиер, кој го номинира владејачката партија. Тоа е таа наследена процедура за која сум уверен дека треба колку што е можно поскоро да разговараме за да договориме еден сосема поинаков модел на обезбедување доверба во изборните процеси, истакнува Заев за МИА.

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ за МИА потенцира дека институциите во земјава не влеваат доверба кај граѓаните, поради што е и потребата од техничка влада, која треба да обезбеди миминален амбинет за демократско изјаснување.

– Живееме во силно ерозирано општество, не само во поглед на економските и политички текови туку и во поглед на недостатокот на принципи и вредности кон кои една влада ќе се придржува. Сето она што го покажаа за изминативе три години значи дека не може да се продолжи вака. Имаме руиниран систем, судство и обвинителство кое е под чизмата на власта, како и институции кои се на далечински управувач од седиштето на владеачката партија. Последните два изборни процеси, референдумот и претседателските избори не се нешто по кое се прослави власта, како по начинот на организирање така и по фактот што нема никаква правна санкција за прекршителите ниту пак корегирани на пропустите. Поради се што претходно кажав но и поради бројните афери, практично ние имаме инститиции кои со право не влеваат доверба кај граѓаните. Токму затоа ни е потребна техничка влада која треба да обезбеди минимум амбиент за демократско изјаснување, во услови на силно политиканство на власта, и скапо платена пропагандна машинарија која треба црното да го престави за бело, вели Мицкоски.

Според него, актуелната Влада се обидува да изврши целосна партизација на администрацијата и вработувања кои треба да овозможат повеќе партиски кадри пред изборите. Тој е убеден дека кадрите на ВМРО ДПМНЕ во техничката влада ќе го дадат својот максимум за придвижување на процесите и обезбедување на фер избори.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети за МИА вели дека актуелното решение за техничка влада сто дена пред избори било производ на специфичните тешки околности во минатото, а за евентуална промена на овој модел потреба е согласност од сите што учествувале во процесот.

– Актуелното решение беше производ на специфичните тешки околности, кои што посакувам никогаш да не се повторат и сепак, за да се променат ќе треба да се постигне согласност од сите што учествуваа во процесот, кој беше олеснуван од меѓународната заедница, нагласува Ахмети.

Во врска со тоа дали ќе има застој во бизнисот, во реформските процеси, дали техничката влада ќе придонесе за поголема соработка на власта со опозицијата или ќе биде уште една дополнителна арена за меѓусебни препукувања лидерите на три партии сметаат дека таа влада ќе придонесе за зголемување на довербата во изборниот процес. Тие се подготвени на меѓусебна соработка во насока на спречување на евентуален застој и во бизнисот и во реформите, велат ќе работат во интерес на граѓаните.

– Искрено се надевам дека техничката влада нема да биде злоупотребена од страна на сегашната опозиција за да не ни се случи одолговлекување на преодниот период до изборите или на периодот после нив. Потсетувам дека тие сега влегуваат во Влада и дека имаат одговорност да обезбедат Владата да продолжи да работи исклучиво за интересите на граѓаните. Техничката влада ќе ја раководи премиер на СДСМ и ние ќе направиме сѐ што треба за да се организираат фер, демократски и ефикасни избори кои ќе обезбедат брза и легална институционална постапка за избор на нова влада во процес кој нема да му наштети на бизнисот и на економскиот раст на земјата кој бележи силен нагорен тренд, нагласува Заев.

Според Мицкоски, бизнисот ќе има најголеми штети од актуелната владина политика. – Практично ние имаме исклучително негативни резултати кои покажуваат помалку од половина реализирани капитални инвестиции од планираните, постојано задолжување и најава за нови задолжувања, оптоварување на бизнисот со нови давачки и спора администрација, нагласува тој.

Вели свесен е дека изборите значат извесен застој во оштеството, но, според него, најголемиот застој ќе биде доколку оваа влада продолжи да управува со државата.

Како ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да соработуваат со сите доколку тоа е во интерес на државата и граѓаните, но, како што посочи Мицкоски не прифаќаат политика на уцени. – Како она на Зоран Заев дека мора да се прифати законот за опојни дроги за да има избори, со други зборови ајде да му го легализираме бизнисот со марихуана за да се одоброволи да има избори. Така не оди, а и власта не е во стостојба да наметнува вакви услови. Ова се сериозни работи и очекувам да се вразумат и дополнително да не тонат во сопствената кал, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За Ахмети техничката влада влева доверба во изборниот процес и општо прифаќање на изборните резултати од сите страни. Сепак со мнозинството кое што го сочинува составот на техничката влада, можно е заокружување на реформскиот процес доколку се има волја за консензус, истакна лидерот на ДУИ.

Тој нагласи дека е важно процесот да биде од доверба и прифатлив за сите и тоа ќе придонесе за стабилност и предвидливост.

Заев верува дека промена на власта на изборите најавени за 12 април нема да има, бидејќи тој нема да дозволи, како што вели, да се врати режимот; Мицкоски смета дека неговата партија не мора да води некаква посебна негативна кампања, бидејќи, како што посочува, власта води таква кампања секој ден со нејзините постапки, додека Ахмети потенцира дека политичкиот натпревар би требал да се одвива во насока на подобрување на секојдневниот живот на луѓето.

Лидерите на трите партии одговорија и во однос на нивните очекувања од претстојните избори, колку тие ќе бидат демократски, со оглед на тоа што има најави за нови „бомби“ и за тоа дали се отвора ли можноста за зајакната негативна кампања.

– Прво, промена на власта нема да има. Кога го велам ова, не го кажувам од позиција на партиска грижа да добиеме уште четири години. Го кажувам зашто имам полна одговорност – да не дозволам да се врати режимот. Се разбира, граѓаните на слободни избори ќе донесат одлука, но јас најсилно ќе се борам и ќе се залагам да укажам најпластично, најилустративно, најдраматично што ќе се случи ако се врати режимот, вели Заев во изјава за МИА.

Тој нагласува дека она што го најавува опозицијата е закана дека ќе биде поништен договорот од Преспа, што, како што потенцира, значи дека земјата ќе биде доведена да биде исклучена од НАТО и да влезе во нова целосно неизвесна ситуација на проблеми со соседите и внатрешен немир.

– Нема да дозволиме да се случи тоа. Јас, СДСМ, партиите блиски до нашите политики, мнозинството одговорни граѓани – нема да дозволиме да се случи тоа. Да поентирам на вашето прашање: Не се плашам од „бомби“. Напротив, ги охрабрувам да ги објават, бидејќи јас знам дека нема од што да се плашам, истакнува Заев за МИА.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, кој вчера имаше одвоени средби и со Заев и со Ахмети околу кадровските решенија за техничката влада, на истото прашање одговара дека на дневно ниво има толку многу скандали и оти според него Владата повеќе и не се брани во однос на скандалите.

– Видете има толку многу скандали на дневно ниво што мислам дека веќе би бил невобичаен ден да нема некоја работа поради која не би се фрапирале поради скандалозноста која ја прави власта. Мислам дека дојде до таму работата, што и владата веќе не се брани во однос на очигледните скандали, зошто бродот им тоне по сите шавови, одговара Мицкоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ не треба да води посебна негативна кампања за претстојните избори, бидејќи таква води власта секој ден со нивните афери.

– Никој друг не е виновен за тендерите кои се случуваат во пресрет на изборите, тоа што одбраа да го штитат криминалот во случајот „Рекет“, што сакаат да ги амнестираат кодошите, што сакаат дополнително да не задолжат, што одбиваат испитување на потекло на имот на политичарите, што рекетот се шири како заболено диво месо во нашето општество. Не би рекол дека тоа е црна кампања тоа е голиот живот кој го живее секој еден човек денес во Македонија, истакнува за МИА лидерот на најголемата опозициска партија.

За претседателот на ДУИ, Али Ахмети нашето општество мора да созрее и да го надминеме тоа што се случуваше пред три и четири години, никогаш да не се повтори.

– Политичкиот натпревар би требало да биде за подобрување на секојдневието и животот на луѓето. Ние како субјект никогаш не сме спроведувале негативна кампања, бомби, лажни вести, но сме биле и се уште сме субјект на пропаганда, лажни вести. Ние ќе настапиме со целосно реформирана партија и сосема нова, модерна и храбра програма со цел да ја добиеме повторно довербата на граѓаните, нагласува Ахмети во изјава за МИА.

Во врска со можноста за коалицирање по изборите, дали имаат одредени насоки, правци во кои ќе се движат, критериуми, кои нема да ги погазат или решенијата ќе бидат диктирани од моменталните бројки и желбата да се дојде на власт Заев со став дека СДСМ е веќе мултиетничка партија, отворена за соработка и за разговори за коалицирања, Мицкоски со став дека ќе прифатат соработка со секој кој има слична визија и програма, а Ахмети вели нема коалицирање со оние кои сакаат враќање назад од Охридскиот договор, Песпанскиот договор и Договорот за добрососедство.

– Влегуваме во период на нови избори. Се формираат изборните програми и стратегии на партиите одделно. СДСМ од 2016 година наваму настапува со своја автономна изборна програма, во која се препознава големо мнозинство од нашите граѓани. Програмата ќе донесе многу новини, како и чекори за реализацијата на она што досега не е дореализирано затоа што поминаа само две и пол години. Во секојдневна консултација сме со граѓаните, веќе спроведуваме и серија настани со наслов “Агенда 20 -24” во кои ги проверуваме идеите со граѓаните и црпиме креативност и ум токму од нашиот народ. Но, ние сме отворена и голема веќе мултиетничка партија и отворени сме за соработка и за разговори за коалицирање, нагласува Заев за МИА.

Тој додава дека меѓусебните односи на партнерите во коалицијата се формираат и во овој момент се насочени исклучиво во насока на успешна реализација на целите од владината програма.

– Треба континуирано да се направат напори за воспоставување клима на почит и доверба меѓу коалиционите актери.  Актуелната коалиција е создадена со политички договор за автентични и неспоредливи цели со другите политички договори од нашата современа политичка историја. Лидерите на партиите во коалицијата воспоставија принципи на отворен пристап за сите прашања со почит кон сите членки на коалицијата, вели Заев.

Внимаваат да не бидат исцрпени сите формални и неформални средства за консензус тогаш кога е тоа неопходно и можно, и за компромиси, тогаш кога постојат закани процесите да бидат закочени или да бидат ретроградни.

– Единствениот имиџ за кој се залага оваа влада, е остварувањето на целите и ветувањата испорачани кон граѓаните на парламентарните и на локалните избори, додава лидерот на СДСМ.

Мицкоски потенцира дека неговата партија ќе коалицира со оној кој ќе има слична визија и програма, а основите на коалицирањето мора да бидат заедничките принципи и вредности во кои веруваат.

– Немаме намера за правење на непринципиелни коалиции, или коалиција од личен интерес или договарање зад кулисите. Нема време за губење на таква хазардерска политика. Мора да има морал во политиката и чесен пристап. Кој ќе биде близок со нашите ставови од другите партии тогаш тој има и најголеми шанси за соработка. Убеден сум дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги добие изборите и ќе ја формира новата влада која ќе работи и ќе се избори за обнова на Македонија, нагласува лидерот на најголемата опозициска партија за МИА.

Ахмети повторни дека тие на овие избори ќе настапат самостојно и потенцира дека од ветувањата во нивната програма на последните избори речиси имаат целосна исполнетост.

– И затоа сме уверени дека граѓаните ќе го препознаат тоа дека ДУИ го испорачува ветеното, на предвидлив и сигурен начин, вели Ахмети за МИА.

Околу коалицирањето, додава лидерот на ДУИ, 2016 година не може да биде пракса поради специфичните тешки околности, затоа ќе треба да се почекаат резултатите од изборите на 12 април. Тој смета дека треба да се формира стабилно парламентарно мнозинство со гарантирани двојно мнозинство, кое, нема да дозволи враќање назад од Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.