Техничките министри и дополнителните заменици мнистри од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција кажаа дека од денеска почнуваат борба за сите граѓани да можат слободно да си ја изразат волјата на изборите.
Оваа техничка влада нема да направи чуда, но ние ветуваме беспоштедна работа за волјата на граѓаните да биде изразена на избори, рече дополнителниот заменик министер за земјоделие, Цветан Трипуновски.
„Денес Зоран Заев не е повеќе премиер, но неговата оставштина на лошо владеење е тука. Ние сме тука за граѓаните. Илјадници решенија се изречени во Министерството за внатрешни работи, деградирани се професионалци. Се прави груба и безобразна партизација“, истакна Трипуновски.
Тој рече дека ќе работат на постигнување на стандарди со цел да се обезбеди заштита и волјата да биде изразена на фер и демократски избори. Кажа дека уште денеска ќе влезат во институциите и ќе почнат со работа.
„Ни треба еден период за согледување на состојбите во Министерството за внатрешни работи. За неколку дена ќе излеземе со соопштение за незаконски распределените решенија“, рече Наќе Чулев, технички министер во МВР.
Според дополнителната заменичка министерка за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, ниту една исплата нема да оди надвор од рамките на законот. Вели, се што ќе биде за поткуп на гласачи нема да помине.
А.Т.