„Навистина жалам што преговарачкава тројка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јавното обвинителство вчера избега од разговорите. Очигледно бегањето им стана партиска определба. Сепак, ќе биде закажана јавна расправа за законот. Па ќе видиме дали и од неа ќе избегаат“, сподели утрово министерката за правда, Рената Десковска откако од опозициската партија вчера изјавија дека нема да преговараат за законот за Јавно обвинителство без присуство на јавниот обвинител Љубомир Јовески.
ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија средбата на работните групи за законот за Јавно обвинителство во Собранието синоќа, откако министерката за правда го одби нивното барање во следните половина час да го повика државниот јавен обвинител да учествува во констриурањето на законот.
Идејата за присуство на Јовески која ја предложи ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако тие прочитале негово интервју каде вели дека приоритет е носење на нов квалитетен закон за Јавно обвинителство.
Пратеникот Антонијо Милошoски потенцираше дека според него и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, критиките од Јовески се премногу силни за да тој не учествува во работата на работните групи.
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за присуство на Државниот јавен обвинител, Дескоска пак ја оцени како алиби за бегање од средбата за Законот за ЈО и од правдата воопшто која треба да се донесе преку овој закон.
Десковска рече дека пред средбата ја информирале опозицијата за присутните и барале предлози за евентуални измени на форматот.
“Од ВМРО-ДПМНЕ имаше само барање за присуство на меѓународни претставници и тоа го прифативме, тие беа присутни на денешната средба. До почетокот тие не побараа присуство на Јовески. Со ова е јасно дека на ВМРО-ДПМНЕ им е битно само една точка, деветата која вчера ја кажа нивниот лидер, а тоа е затварање на предметите отворени од прислушуваните разговори”, изјави Дескоска.
Дополнително таа рече дека Јавниот обвинител ќе биде присутен на јавната дебата која ќе се оргнизира во Собранието, но ни ова не им било доволно на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Сите други учесници на средбата како што истакна Дескоска, предлогот го цениле како добра основа и се однесувале конструктивно кон Законот за Јавно обвинителство.