Сашо Јанакиевски – Миленикот на Орбан кој носел необработен медицински отпад на „Дрисла“

од Aleksandar Todeski
1,8K прегледи

Третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола ќе се проверува и преку видео материјалот кој го снимил главниот инспектор во Град Скопје со својот мобилен телефон. Оваа мерка се презема по наредба на надлежниот јавен обвинител, а е продолжение на истрагата за фирмата на бизнисменот од Битола, Сашо Јанакиевски, близок соработник на Никола Груевски. Но, како името на Јанакиевски исплива во јавноста?

Почетокот на неговите врски со поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ се интензивира во 2012 година, кога Унгарија го отвора првото конзуларно претставништво надвор од Скопје, а Сашо Јанакиевски станува почесен конзул.

Тој, заедно со тогашната власт ја сече лентата со која се означува отворањето на прво претставништво на Унгарската стопанска комора во Македонија, чиј претседател е токму почесниот конзул Јанакиевски. Истражувањата на медиумите подоцна покажуваат дека неговата компанија за шест години добила над 90 државни тендери, со што Сашо Јанакиевски го преземал приматот „локален лидер во државните тендери“.

Сашо Јанакиевски, сопственик на „Еко клуб“ на поставувањето камен темелник на нов логистички центар за унгарски производи во Илинден (2016 година)

Како „точка“ на спојување на Груевски и Јанакиевски се наведува долгогодишниот пријател на избеганиот експермиер, но и на бизнисменот од Битола, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, за кого тамошните медиуми велат дека тој се одржува на власт со моќ, корупција и многу пари, како и држење на голем дел од медиумскиот простор во негови раце.

Планот на Сашо Јанакиевски одеше до таму, па имаше обид во кругот на поранешната фабрика „Металски завод Тито“ да отвори погон за преработка на медицински отпад, за што добил дозвола од ексградоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, кој сега е обвинет за уривање на комплексот „Космос“, случај во јавноста познат под кодното име „ТНТ“.

Јанакиевски во 2018 година во изјави за медиумите твдеше дека требало да започне со изградба на погонот од 1000 метри квадратни, но под притисок од соседните фирми се откажал, иако според него немало опасност за околината од оваа инвестиција, како и дека депониите на кои се хранат животни се многу поголема закана за здравјето на луѓето.

Фирмата „Еко клуб“ на Јанакиевски имаше договор за соработка со „Дрисла“ за вршење услоги на преработка на опасен медицински отпад, а спротивно на договорот кој бил потшишан, Јанакиевски тврдеше дека не се работело за ризичен отпад.

Власта пак, посочи дека Сашо Јанакиевски претходно бил поставен за директор на унгарски трговски куќи во Скопје, потсетувајќи дека „Еко клуб“ е битолската фирма, која дебело се офајдила во времето на ВМРО-ДПМНЕ, a тоа се гледа од многуте тендери од времето на вмровскиот градоначалник на Битола, Владимир Талески.

Инаку, како што јавноста веќе дозна, Јанакиевски медицинскиот отпад го носел на „Дрисла“, без притоа да го обработи и уништи, а тоа му го овозможувал ексдиректорот на „Дрисла“, Горан Ангелов, кој беше градоначалник на Виница во два мандати од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а кој исто така имаше желба да биде претседателски кандидат минатата година од редовите на опозициската партија.

А.Т.

Слични содржини