Стотина вработени во СЈО најавија тужби

од Берта Китинска
305 прегледи

Вработените во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) алармираат дека поради незаконското пренаменување на буџетот за СЈО за 2020 година од страна на Собранието на Република Северна Македонија што се случи кон крајот на минатата година, со што средствата беа адресирани на сметката на Државната изборна комисија, е генериран проблем со кој се повредени основните права кои произлегуваат од работен однос. Поради ова, близу сто вработени во СЈО повторно се оставени без плата, а со тоа и без здравствено осигурување.

Имено, досегашните плати и тоа, октомвриската и ноемвриската плата, во отсуство на овластен потписник во СЈО, беа исплатени со присилно извршување од буџетот за минатата година преку Управата за јавни приходи. Сепак, проблемот настана кога се јави потреба од присилно извршување на декемвриската плата. Така, поради фактот што во буџетот на СЈО за 2020 година предвидени се финансиски средства само на ставката за плати, која ставка, согласно образложението на Министерството за финансии, е изземена од присилно извршување, не постои можност за присилна наплата на платите на вработените лица, што е апсурдна ситуација – да не може присилно да се изврши исплата на плати од ставката за плати од буџетот на СЈО!

Во насока на надминување на овој проблем остварена беше средба со преставници на Министерството за финансии, а планирана е средба и со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Апелираме надлежните државни институции во најбрз рок да го разрешат овој апсурден проблем во интерес и на владеењето на правото и во интерес на вработените кои не по своја вина се оставени во незавидна ситуација.

Во спротивно, вработените ќе поднесат тужби за неисплатени плати, но и кривични пријави за одговорните лица и институции поради незаконската пренамена на буџетските средства за СЈО.

Да потсетиме, на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Северна Македонија, едногласно беше усвоен амандман на Буџетот со кој финансиските средства предвидени за СЈО се пренаменија за друг буџетски корисник, поточно за спроведување на предвремени парламентарни избори, што беше прифатено од Министерството за финансии, а беа оставени средства само за исплата на плати на вработените.

И тогаш, а и сега, информираме дека станува збор за флагрантно прекршување на законот, што повлекува и кривична одговорност имајќи предвид дека член 16 став 3 од Законот за ова Јавно обвинителство пропишува дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за финансии и Собранието на Република Северна Македонија не можат да го менуваат финансискиот план од членот 13 став 2 и ќе го вградат во Буџетот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Ова особено ако се има предвид дека Законот за СЈО е во сила до 15 септември 2020 година, до кога и постои оваа институција. Се поставува прашањето доколку Министерството за финансии знаело дека има пречка за присилно извршување од ставката на плати и знаело за потребата од присилно извршување како начин на исплата на платите, зошто не алармирало за ваквата состојба и го прифатило ваквиот предлог буџет, односно амандман на истиот.

Слични содржини