Жител на Желино обвинет за две разбојништва на таксисти во Скопје

од Andreja Salpe

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против 28-годишен жител на Желино кој се товари дека сторил две кривични дела разбојништво.

На 28 февруари, обвинетиот и уште едно засега непознато лице влегле во такси возило на улицата „Димитрија Чуповски“ и побарале од оштетениот таксист да ги вози до хотел во близина на Скопски саем. Кога стигнале на булевар „Никола Карев“, во близина на клучката за Чаир, му кажале на таксистот да го запре возилото. Обвинетиот од задното седиште го фатил оштетениот за јаката, го повлекол назад и му ставил нож под вратот, заканувајќи му се дека ќе го убие ако не им ги даде парите. Неговиот сопатник кој седел на совозачкото седиште за тоа време започнал да пребарува низ преградите на возилото, го пронашол паричникот на таксистот од каде одзел 950 денари, а го одзеле и мобилниот телефон на оштетениот вреден 6.000 денари. Потоа двајцата избегале во непознат правец.

На 4 март, на сличен начин, обвинетиот запрел такси возило на улицата „Џон Кенеди“, се качил во автомобилот и побарал да биде одвезен до еден хотел. Пристигнувајќи во близина на наведената локација, повторно со нож му се заканил на таксистот и одзел 1.500 денари и мобилен телефон вреден 8.500 денари.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност обвинетиот да влијае врз сведоците/оштетените и веројатност тој да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.

Слични содржини