Со помош од 325 илјади евра, Град Скопје ќе ја вади депонијата „Дрисла“ од долговите во кои ја оставила италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“. Оваа сума на пари треба да биде усвоена во вторник, кога ќе се одлучува и за одвојување на финансиски средства за семејствата од Шуто Оризари чии домови изгореа во пожарот.
Сумата иако нема да ги покрие целосно долговите, ќе овозможи непречено функционирање на депонијата, која ја тресат скандали по откривањето на скандалот, дека необработен опасен медицински отпад се носел на „Дрисла“, иако задача на фирмата „Еко клуб“ била да го стори тоа.
Во меѓувреме, истрагата за фирмата на битолчанецот Сашо Јанакиевски продолжува, а информациите до кои дојде „Локално“ говорат дека Јанакиевски го исчистил просторот, ги дезинфицирал машините, а еден ден подоцна, на 12-ти декември, самиот ги повикал инспекторите, со цел да обезбеди записник кој потоа ќе го користи како доказ против доказите на градскиот инспектор Мирослав Богдановски, кој го пријави случајот.
Иако обвинителството работи на случајот, до овој момент пак, ниту Јанакиевски, ниту работниците кои биле фатени, не се повикани на распит.
А.Т.