Без ниту еден глас против и воздржан, Законодавно-правната комисија го изгласа Северноатлантскиот договор, со што останува да се изгласа на пленарната седница која е закажана за 15 часот денеска.

„Ова се историски моменти за кои верувам дека ќе се зборува, а ние сме среќни што учествуваме за нешто кон што се стреми целата нација“, рече претседателката на Комисијата, Соња Мираковска.
Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, истакна дека членството на Северна Македонија е гаранција за сигурност во согласност со актот кој е втемелен во Уставот.
„До денеска Протоколот за пристапувањето е ратификуван во 28 земји-членки, очекуваме во Шпанија да биде изгласан во март“, истакна Жерновски, кој како претставник на владата го образложуваше Законот пред пратениците.
Претходно, Законот го помина и првиот филтер, Комисијата за надворешни работи, каде претседателот на Комисијата и пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, имаше обид за интервенција во членот 4, но Законот помина без интервенции.
А.Т.