Ми претставува задоволство што ја имам честа како претседател на Собранието на Република Северна Македонија да ја водам оваа седница на која Законодавниот дом ќе го рафитикува Северноатлантскиот договор, јадрото и правната основа на Северноаталантската алијанса, рече собранискиот спикер Талат Џафери на седницата за ратификација на Протоколот за НАТО.
„Нашиот пат кон НАТО не беше лесен и беше испреплетен со многу турбулентни моменти. Започна во 1993 година, кога тогашното Собрание донесе одлука за стапување во членство во НАТО. Низ годините што следеа, Собранието донесе четири декларации за поддршка и реафирмирање на интеграцијата во НАТО, со што повеќе пратенички состави преку пратеници од различни партии покажаа доблест, решителност и висока државничка свест за позиционирање на државата во значајни, трајни и високо вреднувани меѓународни организации како што е НАТО“, рече Џафери.
Претседателот на Собранието потенцираше дека државата заедно со Хрватска и Албанија била активен чинител и рамноправен член на „Јадранската група“ која делувала интегрирано на регионално ниво со единствена цел – члнество во НАТО.
„Особено сум горд на работата на актуелното Собрание за покажаната свест, државнички капацитет и грижа за иднината на нашите генерации, што успеа, надминувајќи ги сите сензитивни моменти, да го зацврсти столбот на нашата меѓународна позиционираност. Сето ова немаше да биде возможно без Владата на Северна Македонија и Претседателот на државата, на кои им укажувам достојна почит“, истакна Џафери.
А.Т.