Скоро две децении албанскиот архитект Фети Ѓици работел на проект толку тајно што плановите морал да ги заклучува во сеф кога си одел дома од работа. За својата работа не смеел да говори ниту на своето семејство.

Ѓици бил главен архитект и планер на градот Кукс во Северна Албанија во време кога земјата била под комунистичкиот режим на диктаторот Енвер Хоџа.
Во времето на Студената војна, Хоџа бил во страв од напади и инвазии на Албанија, заради што наредил изградба на стотина илјади бетонски бункери.
Но во Кукс недалеку од границата на тогашната Југославија, Хоџа отишол и чекор понатаму. Му наредил на Ѓици на почетокот на седумдесетите да изгради подземна реплика на цел град.

Прво испланирал да се изградат низа Бункери и атомски засолништа, што е и направено во 1970-тите.
Потоа во 1980-тите по наредба на Хоџа и неговите воени заповедници Ѓици додал уште тунели и простории, вклучувајќи и болница и пекара.
Потоа е воведена струја и водоводна мрежа, а одредено е во поедини простории да се најдат и воен команден центар, полициска станица и судница.
Идејата била 10.000 луѓе да може да живеат во подземната населба во период до шест месеци.
„Секако за време на војна населението би можело да се води и со намален капацитет, но идејата била да се реплицира цел град под земја“, изјавил Ѓици (72) за Гардијан.
Заради тајноста Ѓици имал тим од само 30 работници, и сите биле подробно испрашувани и проверени. Дури ниту сопругата на Ѓици не знаела што тој работи.
„Што помалку луѓе знаеја, толку подобро“, изјави тој, објаснувајќи дека тимот бил поделен во парови кои работеле на различни делови.
Кога конструкцијата е завршена во 1989 и воведени се струја и вода, недостасувало само уште со мебел да се опремат просториите, но тоа не се случило затоа што режимот паднал.
Сега 30 години подоцна Сафет Ѓици, родника на Фети и актуелен градоначалник сака да го заврши она што комунистичкиот режим го започнал и подземниот град во Кукс да го отвори за јавност.
„Сакаме да го претвориме во подземен град за локалното население и туристите“, вели тој и размислува да се отворат ресторани, атракции и продавници, како и можноста луѓето низ тунелите да стигнат до вештачкото езеро и таму да пловат.
Тој се надева дека во март ќе оствари договор со ЕУ и со помош на нејзините финансии (2,6 милиони евра) ќе почне реновирање.