Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, во петокот ја имаа првата предизборна дебата. На почетокот на тричасовното соочување на лидерите, Заев посочи дека Мицкоски на лидерските средби се интересирал за имиња, за кои како што рече тој, биле негови бизнис партнери, посочувајќи го како пример Димитар Димовски.
„Сте знаеле да прашувате за вашите бизнис другари, кога сме имале средби за Законот за Јавно обвинителство, па и на други преговори. Ако сакате ќе ги споменеме и со имиња, Димитар Димовски на пример“, рече лидерот на СДСМ.
Но, кој е Димитар Димовски? Агроекономистот со повеќе функции во опозициската ВМРО-ДПМНЕ го следеа низа скандали, истраги и обвиненија. Во јуни минатата година, Димовски беше уапсен, а е осомничен и во случајот „Топлик“ заедно со ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Инаку, јавноста веќе дозна дека Димовски има удел во компанијата „Енерготек“, во која исто така свој удел има лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Власта претходно обелодени дека тој е сопственик на земјиште од над 14 илјади квадратни метри во општина Берово, а негов сосед е Миле Јанакиески кој има парцела од над 16 илјади метри квадратни, парцели од вкупно 30 илјади квадратни метри кои порано биле во државна сопственост.