Спасовски: Ако дојде до отворање на рутата, бегалците може да транзитираат со времен престој до 72 часа

од Берта Китинска
179 прегледи

Државава има воспоставен систем за одговор за справување со евентуален бран мигранти и сите надлежни институции ги активираат своите оперативни планови, констатираше Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, а од Владата посочија дека со соодветно внимание ја следат ситуацијата и се во постојана комуникација со партнерите на земјава од НАТО и ЕУ.

Република Северна Македонија воспостави систем од претходната бегалска криза и тој систем е подготвен и функционален да одговори на предизвиците со кои би се соочиле како транзитна земја. Во 2019 година беше продолжена кризната состојба на јужната граница, и согласно оваа одлука, сите институции кои имаат обврски во услови на зголемен притисок на нашите граници го засилуваат своето присуство и ангажман, соопшти владината прес-служба.

Од Владата потенцираа дека уште во текот на вчерашниот ден, зголемен е бројот на припадници на полицијата и на Армијата распоредени на јужната граница и потврдени се оперативните планови за дополнителен ангажман во случај на натамошен раст на бројот на мигранти.

Премиерот Оливер Спасовски изјави дека засега нема очекувања дека може да дојдеме во ситуација на зголeмен мигрантски бран, но ако дојде до какво било отворање на рутата и зголемување на бегалци тие може само да транзитираат или да бидат со времен престој до 72 часа. Според него, системот за добро справување со евентуално миграциска криза функционира постојано и сите надлежни институции се максимално посветени на справување со евентуален зголемен број мигранти.

– Знаете кој е ставот и политиката на Владата во однос на мигрантите, ние сме транзитна земја, имаме два транзитни центра, Винојуг и Табановце, и ако дојде до какво било отворање на рутата односно зголемување на бегалци низ Република Северна Македонија може само да транзитираат или да се донесе времен престој до 72 часа. Неколку пати сум истакнал дека прашањето во однос на миграцијата не е прашање што може да го реши една држава, туку треба да се изгради заемна политика, заради тоа што, пред се, ние се справуваме со последици, а не го решаваме проблемот, тој се решава таму кај што е неговиот извор. Сите заедно како држави од регионот се справуваме со последиците. Но, како и да е, сега засега, нема очекувања дека можеме да дојдеме во ситуација на зголемен мигрантски бран, рече Спасовски.

Посочи дека очекува договорот меѓу ЕУ и Турција да продолжи понатаму да функционира и да се реализира и дека заеднички ќе имаме можност добро да ја имплементираме целата оваа кризна состојба.

– Системот функционира, МВР, министерствата за труд и социјална политика и за одбрана, Армијата, сите заедно сме насочени максимално посветени во однос на справување со евентуален зголемен број на мигранти иако сега проценките се дека нема да има таква состојба, додаде Спасовски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека власта ги презема сите можни подготовки за евентуална ескалација на кризата со прилив на мигранти.

– Сериозно ги следиме настаните што се случуваат на грчко турската граница. Имаме директни комуникации преку министерот за надворешни работи и со Турција и со Грција, а и со структурите на НАТО и ЕУ заради координација. Нашите очекувања се дека европските лидери ќе изнајдат решение за спречување на евентуално на нов бран на бегалци кои ќе пенетрираат преку Грција и Република Северна Македонија, па кон Западот, нагласи Заев.

Потенцира дека земјава е подготвена целосно да ги следи европските препораки околу ова прашање. – Она што се случува будно го следиме. Имаме информации од прва рака и верувам дека сме целосно подготвени за менаџмент на нашата јужна граница, додаде Заев.

Од Министерството за внатрешни работи порачуваат дека граѓаните немаат причина за загриженост, состојбата е непроменета и оти има стандардна бројка на обиди за нелегален влез во нашата држава. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи потенцира дека земјава е подготвена за справување со евентуален наплив на бегалци од Сирија, но во координација со Европската агенција за гранична крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) и земјите-членки на ЕУ.

Илјадници мигранти се на грчко-турската граница, што следеше по најавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе ја отвори границата и ќе им дозволи на мигрантите да влезат во Европа. На грчко – турската граница кај Еврос вчера биле регистрирани околу 5.500 спречувања на влез во Грција на нелегални мигранти.

По барање дополнителна помош на Грција, ФРОНТЕКС распореди засилување. Нивото на тревога на грчко-турската граница е подигнато, а ФРОНТЕКС го подигна и степенот на предупредување за сите граници кон Турција. Мигрантите насобрани во неутралната зона на граничниот премин меѓу Грција и Турција, но од турска страна, завчера ја нападнале грчката полиција, која пак одговорила со солзавец и шок бомби.

Слични содржини