Словенечкото Собрание го изгласа Јанез Јанша за нов мандатар за состав на Влада

од Aleksandar Petrovski
176 прегледи

Со 52 гласови „За” словенечкото Собрание го изгласа Јанез Јанша за нов мандатар за состав на Влада.

Гласањето беше тајно, а беше по предлог на претседателот на државата Борут Пахот, откако по состаноците со парламентарните партии беше јасно дека е формирана нова мнозинска коалиција меѓу СДС (Словенечка демократска партија), СМЦ (Партија на Модерен Центар), ДеСУС (Демократска Партија на пензионерите во Словенија) и НСИ (Нова Словенија).

Јанша сега има законски рок од 15 дена да ја состави новата Влада. Словенечките медиуми информираат дека тој нема да чека две недели, а новиот владин состав ќе го објави веќе на почетокот на следната недела. Новата Влада ќе има мандат од две и пол години, што е периодот до следните редовни парламентарни избори.

Претседателот на Собранието на Словенија, Дејан Жидан поднесе оставка веднаш по изгласувањето на Јанез Јанша за нов мандатар за состав на Влада.

– Се повлекувам бидејќи не сакам да стојам на патот на новата коалиција. Сакам да се заблагодарам за сите успеси кои заедно ги направивме. За мојата една и пол годишна работа направивме успешна регионална соработка, а дадовме и голема поддршка за евроинтеграциите на Северна Македонија – истакна Жидан.

Слични содржини