Тачи: Постои силен интерес од одредени луѓе за да се спречи процесот за постигнување договор меѓу Србија и Косово

од Vladimir Zorba
149 прегледи

Косовскиот претседател Хашим Тачи тврди дека постои „силен интерес од одредени луѓе“ за да се спречи процесот за постигнување на конечен мировен договор меѓу Србија и Косово.

„Дозволете ми да го кажам повторно, јасно и гласно: Зборуваме за ставање крај на вековен конфликт, фокусирање на економски развој, подобрување на животот на нашите граѓани и препознавање едни на други. Ништо повеќе и ништо помалку“, напиша тој на Твитер.

Тој додаде дека улогата на Соединетите држави е повторно неопходна и рече дека специјалниот претставник на САД за дијалогот Косово-Србија, Ричард Гренел прави одлична работа и дека ја има целосната поддршка на специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан – Метју Палмер.

Тачи му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за „работењето за мирот во светот“.

Косовскиот претседател зборуваше откако претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај предложи да се одржи конференција во Приштина, на која ќе присуствуваат лидери на политички партии и претставници на САД и Европската унија.

Заменик-премиерот на Косово, Авдулах Хоти, рече дека не е неопходно да се одржи таква конференција.

Харадинај оценува дека процесот на дијалог со Србија е компромитиран, дека политичката структура на Косово е поделена и дека претседателот е од една страна, додека премиерот е на друга страна, што, како што вели, не е добро, пренесува Танјуг.