Трајковски за “Монструм”: Од два извори добив информации дека околу Велигден ќе настрадаат невини луѓе

од Vladimir Zorba
348 прегледи

Рочиштето за „Монструм“ продолжи со сослушување на сведокот Зоран Трајковски, вработен во МВР кој во своето сведочење рече дека го познава само Хаки Азири.

„Хаки Азири го познавам од притвор, бидејќи и ја бев обвинет во случајот “Ровер”, рече Трајковски.

Тој потенцираше дека кога се случи петкратното убиство кај Смилковското Езеро бил дежурен во полициска станица Драчево.

„Убиството се случи во четврток, а во сабота или недела бев на лице место, ангажиран за обезбедување на местото“, сведочеше Трајковски.

Запрашан од обвинителот, дали имал информации за петкратното убиство, тој одговори потврдно.

„Наколку месеци пред настанот имав информација дека во Липковскиот регион се појавиле повторно униформирани паравоени формации. Тие претходните го имале знакот на УЧК, а сега имале со знакот на Илирида. За ова ги контактирав Никола Спасовски тогашен началник во СВР Скопје и со Синиша Алексовски“, рече Трајковски.

Тој посочи дека во една прилика Синиша го зел со службеното возило и заминале за Куманово.

„Со Синиша бевме во Куманово бидејќи сакаше да ги види тие паравоени формации. Меѓутоа се откажа и се вративме назад, зошто – не знам, бидејќи тој одлучуваше. Пред да се случи настанот барав средба со Сашо Мијалков и Љупчо Тодоровски, но не ме повикаа“, рече сведокот.

Трајковски потенцираше дека остварил контакт и со пратеникот Васил Пишев.

„Тој ме поврза со пратеникот Веле Ѓорѓиевски кој бил близок со Никола Груевски, кој требаше да му пренесе. Беше фрапиран и ме поврза и со некој функционер од воено“, рече сведокот.

Тој рече дека имал средба и со новинарот Никола Младенов.

„Со Никола Младенов, сопственикот на „Фокус“, се видовме во еден ресторан. На крајот на средбата дојде новинарот Бранко Геровски и по негова сугестија ми договорија средба со новинарот Влатко Стојановски кој го брифирав и кој требаше да објави текст, за паравоените формации. На местото имаше дечко и девојка, за кои подоцна дознав дека биле од службата за следење. Од СЈО потоа ми кажаа дека сум бил нелегално прислушуван на четири броја, а на еден дури 635 дена“, рече Трајковски.

Трајковски во сведочењето потенцираше дека од два извори добил информација дека околу Велигденските празници ќе се случи и инцидент во кој треба да настрадаат невини луѓе.

„Ми кажаа дека ќе биде нападната полициска патрола или невини луѓе. Тоа беше пренесено и во воено разузнавање и на пратениците. Не им ги кажав изворите, но во ниту еден моомент не се споменуваше Смилковското Езеро“, рече сведокот.

И.Р.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини