На 4 ноември 2017 година, околу 17:40 часот на медиумите масовно се објавуваше веста дека во скопски Аеродром се слушнале истрели од пиштол и дека згаснал млад живот. Пиштолот го имаше, но убиецот веднаш по сторување на делото избегал, пред да се појави полицијата.
Мотивите не беа познати за убиството на 25 годишниот фудбалер Мартин Јанушев, а по вештачењето на оружјето, се дозна дека со Црвената Застава М70, со калибар 7,65 мм пет пати пукал Филип Секуловски – Кобра, кој бил пуштен на слободен викенд од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, а кој по убиството, беше недостапен за органите на прогон.
По две години бегство, Секуловски сам се пријавил во полиција, а по проверките, беше спроведен во затворот „Скопје“, каде одлежуваше затворска казна за трговија со дрога, а која истекуваше во јуни 2018 година. Неговиот чичко, Атанас Секуловски, преку социјалните мрежи го повикуваше да се предаде на полицијата, додавајќи му дека извесен Раде го манипулира.
„Филип, чичко ти те советува што и да си направил да се пријавиш затоа што е за твое добро. На Раде му порачувам, ако мисли дека може да манипулира со туѓи животи многу се излажал, на погрешна адреса се упатил. Ако е маж нека не те злоупотребува и нека те ослободи од секакви притисоци, јас знам дека е така како што велам“, напиша Секуловски.
Името кое го споменува чичкото на Филип Секуловски се поврзува со Раде Трајковски, кој во 2012 година беше уапсен во Италија за местење на фудбалски утакмици во „Калчо“ лигата. Трајковски пак, е поврзан со фирмата за обезбедување Омерта, која иако не доби дозвола од Министерството за внатрешни работи, обезбедуваше неколку објекти во Скопје.
Во Омерта, која е сега згасната, иако во затвор кога се основаше фирмата, беше вработен Филип Секуловски, а по што Министерството за внатрешни работи одлучи да ги проверува сите фирми кои во Централниот регистар се впишани како фирми за обезбедување.
Откако Секуловски сам се пријави во полиција, Обвинителството вчера соопшти дека против 28 годиншниот Кобра е поднесено обвинение, а се товари за кривично дело Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
„Обвинетиот на 03. 11. 2017 година со умисла го лишил од живот сега починатиот Мартин Јанушев. Утрината на критичниот ден, користејќи дозволено викенд отсуство, обвинетиот ја напуштил КПУ Затвор Скопје – Скопје, каде што издржувал казна затвор во траење од 20 месеци. Тој со умисла да го изврши делото, во попладневните часови истиот ден се движел пешки и околу 18.00 часот пристигнал пред зградата во која живеел Јанушев. Откако се сретнал со жртвата пред влезот на зградата, испукал кон него повеќе проектили од огнено оружје марка „Црвена Застава М70“ со калибар 7,65 мм, нанесувајќи му пет огнострелни повреди – прострелни рани. Од здобиените повреди дошло до прекин на работата на витално важните органи и до смртен исход кај сега покојниот Мартин Јанушев“, пишува во соопштението на ОЈО.
Истрагата беше отворена во октомври 2018 година, кога од судот побара и да му биде изречена мерката притвор. Со оглед на тоа што сега обвинетиот беше недостапен на органите на прогонот, согласно Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за распишување домашна и меѓународна потерница.
По една година, на 14.10.2019 година, лицето беше лишено од слобода и за него почна да се спроведува веќе определената мерка притвор, која по барање на обвинителството е неколкупати продолжувана. Во рамки на сеопфатната истражна постапка, обвинителството обезбеди голем број материјални и вербални докази, релевантни вештачења и анализи, беа испитани и над 40 сведоци.
Заедно со обвинението, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор, бидејќи сеуште постои опасност од бегство на обвинетиот, како и опасност да ги сокрие трагите и да влијае врз сведоците.
Сега се очекува Кривичниот суд во Скопје да донесе одлука, дали го прифаќа обвинителниот акт на Скопското обвинителство, по што ќе почне судскиот процес против Филип Секуловски Кобра за суровото убиство на фудбалерот Мартин Јанушев.
Александар Тодески