Косово воведува строга гранична контрола: Две општини во карантин

од Nikola Popovski
455 прегледи

Косовската влада во петокот донесе одлука да ги затвори сите гранични премини, освен за косовските граѓани, и воведе голем број други мерки, а една од нив е да прогласи две општини во карантин, откако во текот на денот беа потврдени првите два случаи на инфекција.

„Косовската влада донесе одлука да ги затвори сите земјишни административни премини, освен за Косовците, кои доколку сакаат да се вратат на Косово, ќе треба да бидат медицински проверени и ставени во карантин 15 дена“, извесува РТС,  од конференцијата на косовскиот премиер Албин Курти.

Курти ова го објави во петокот вечерта, по вонредната владина седница, на која се донесе одлука да се затворат сите кафулиња, трговски центри и ресторани низ Косово и да се прекинат сите културни и спортски активности, пренесува РТС.

Првите два случаи на коронавирус во Косово беа потврдени во петокот.

Едно од лицата потврдено дека има вирус е 20-годишно девојче, италијански државјанин која престојувала во Клин, населба во западно Косово.

Другиот заболен човек е 77-годишен маж од селото Стубла кај Витина, во јужно Косово, по должината на границата со Северна Македонија, а општинските власти  по потврдата на вирусот, го изолирале целото село.