Истражување на епидемиолози: Ќе се случи „италијанско сценарио“ низ поголемиот дел од Европа за неколку недели

од Nikola Popovski
210 прегледи

Некои од најголемите светски експерти кои го следат ширењето на вирусот корона, предвидуваат дека голем дел од Европа може да се соочи со нагло зголемување на бројот на заразени случаи за неколку недели и се очекува „италијанско сценарио“.

Математичките модели развиени од епидемиолозите за следење на вирусот покажуваат остар пат на заразата во Шпанија, Германија, Франција и Велика Британија. Шпанија, која прогласи вонредна состојба во петокот, покажа загрижувачки експоненцијален раст, велат експертите.

„На многу држави ќе им се случи примерот со Италија доколку не воведат построги мерки“, рече Бенџамин Маер, истражувач во Институтот „Роберт Кох“. Слично сценарио може да се случи и во САД, но предвидувањата се спречени со недоволно распространетите тестирања.

Еден модел за Американското здружение на болници го предвидува најлошото сценарио, од стотици илјади смртни случаи, пренесува „Вашингтон пост“.

„Италија е околу две недели пред Велика Британија и остатокот од Европа“, рече Франсоа Балокс, директор на Институтот за генетика при Универзитет во Лондон.

Во петокот ирските лекари преку писмо до „British Medical Journal“ предупредија дека земјата е точно 14 дена зад Италија.

Дирк Брокман, професор на универзитетот Хумболт во Берлин, кој се занимава со заразни болести во германскиот институт Роберт Кох, рече дека гледањето на бројот на потврдени случаи во одреден момент може да биде заблуда.

Студиите на епидемиолозите покажуваат дека инфекцијата, ако не се контролира, се дуплира на секои пет дена, а заразените лица, во просек, можат да го пренесат вирусот на околу 2,5 лица.

Тоа значи дека земја како Шпанија би можела да има 25.000 заразени лица за еден месец. „Ова се бројките што ги очекуваат епидемиолозите. Мислам дека е многу веројатно дека сите одиме кон патот на Италија“, рече Рој Андерсон, професор по заразни болести на Империјал колеџот во Лондон.

И Ангело Пан, епидемиолог од Италија, предупреди дека без ефективни мерки, слично сценарио ја чека и Франција, Германија и евентуално САД. „Тоа е само прашање на време. Мислам дека можеби сме 10 дена пред останатите“, рече Пан.

И покрај затворањето на училиштата, границите и прогласувањето вонредни состојби, некои експерти се загрижени дека владите не прават доволно за да ги намалат стапките на пренос и дека се троши драгоцено време.

Експертите за заразни болести велат дека бројот на заболени во северната хемисфера може да се зголеми во март, а потоа да започне да опаѓа, доколку коронавирусот се покаже како сезонски, како обичниот грип.

Александар Кекуле, германски виролог, водечки на Институтот за медицинска микробиологија на Универзитетот во Хале, вели дека не е се изгубено за земјите кои се соочуваат со нагло зголемување на бројот на пациенти.

Тој рече дека може да се направи огромна разлика ако се делува однапред, наместо да се реагира на бројките што заостануваат зад сликата на теренот со недели.