Сите пациенти заболени од коронавирусот се во стабилна состојба. Три се лесни ситуации, 6 средно тешки, 6 што се потешко болни и една пациентка е во критична состојба. Сите примаат терапија генерално, состојбата генерално е стабилна. Третманот на зболените е системски одмор, хидрирање, внесување електролити и систематска терапија. Лек конкретен нема, се е во фаза на испитување, има повеќе експерименти во развиените земји, но ниту еден не е препорачан од СЗО за третман на овој вирус. Додека не добиеме таква препорака, нема да шпекулираме, изјави Иван Видиниќ од Инфективната клиника.
-Имаме и еден случај кој го заврши лекувањето кај нас, успешно. Пациентката имаше 2 негативни тестови ќе продолжи нејзината изолација дома. Една недела била болна во Италија, со клиничка слика на развиена болест ја примивме. Спаѓаше во тешка состојба, но лекувањето заврши успешно и после престојот од 14 дена пациентката е пуштена дома, вели Видиниќ.
Тој информираше дека најмладиот пациент има 15 години, а сите останати се над 50 години.
-Кај помладите се манифестира како обичен грип со лесни симптоми, но можноста за ширење е иста како и кај постарите луѓе. Момчето има лесен облик на болеста, беше сосема случајно и откриен, вели Видиниќ.
Докторот од Инфективната клиника додава дека медицинските лица на клиниката кај заболените влегуваат комплетно заштитени со сите протоколи за да се намали било каков ризик кон медицинскиот персонал.
-Доколку се држиме до протоколот ризикот за заболување на персоналот е минимален, вели Видиниќ.