Индексите на њујоршката берза Вол Стрит го забележаа нивниот најлош ден по повеќе од три децении, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската економија може да оди кон правец на рецесија поради коронавирусот.

Доу Џонс заврши на минус 12,9 проценти, најголема загуба на тој индекс од таканаречениот „Црн понеделник“ во 1987 година, пренесува Бета, повикувајќи се на АП.
Овој индекс беше во состојба да го надмине катастрофалниот резултат од четвртокот, кога „потона“ за десет проценти.
Потезите на ФЕД не помогнаа
„Стандард и Пурс 500“ денот го завршија на 12 проценти во минус, што значи дека опаднаа за скоро 30% од поставувањето на рекордот пред помалку од еден месец и е на најниско ниво од крајот на 2018 година.
Индексот Насдак падна за 12,3 проценти.
Падот на индексот е забрзан во последниот половина час на тргување во понеделникот, по изјавата на Трамп дека економијата може да оди кон рецесија и ги повика Американците да избегнуваат собири на повеќе од десет лица, како дел од борбата против пандемијата на коронавирусот.
Њујоршките индекси пропаднаа иако Федералните резерви (ФЕД) објавија нов пакет итни потези пред тргувањето.
Загубите на Вол Стрит во изминатите неколку недели беа најголеми од глобалната економска криза во 2008 година.
Трамп и другите професионални инвеститори велат дека берзата би можела значително да се опорави веднаш штом здравствените работници го стават под контрола коронавирусот.
Проблемот е, никој не знае кога тоа би можело да се случи.
Во Европа германскиот „ДАКС“ падна за 5,3 проценти, францускиот „ЦАЦ 40“ заврши на минус од 5,8 проценти, додека британскиот „ФТСЕ 100“ падна за 4,0 проценти.
Големи загуби низ целиот свет
Индексот „ФТСЕ МИБ“ на Италија заврши на минус 6,1 процент.
На исток, јапонскиот „Никеи 225“ падна за 2,5 проценти, „Коспи“ од Јужна Кореја 3,2 проценти, а хонгконгшкиот „Ханг Сенг“ на четири проценти.
Австралискиот „S&P / ASX 200“ заврши со пад од 9,7 проценти.
Повеќе од 181.000 луѓе се заразени, а повеќе од 7.100 починати од коронавирусот, чие ширење доведува до големи загуби во економиите ширум светот.