Топ предлози за книги кои можете да ги прочитате додека сте во самоизолација

од Elena Daskalova
418 прегледи

Многумина од нас сме од оние луѓе кои купуваме книги, нови наслови, но често поради недостатокот на време не сме стигнале да ги прочитаме.

Покрај тоа што во услови на самоизолација можете да готвите, да вежбате, да гледате филм или серија, времето можете да го пополните и со некоја добра книга. Разгледајте во вашата домашна библиотека што се нуди и изберете наслов.

Ние ги избравме следниве:

„Мојот маж“ – Румена Бужаровска

„Мојот маж“ е збирка на раскази, приказни раскажани од жени, кои живеат навидум исполнети животи со своите семејства. Румена Бужаровска во оваа книга на многу успешен начин ни прикажува ликови во кои лесно можеме да се пронајдеме себеси и да ги препознаеме луѓето околу нас, како мажите, така и жените. Проверете зошто оваа книга е едно од најистакнатите дела на современата македонска литература, кое доживеа неколку изданија, како и театарски адаптации.

„Сапиенс“ и „Хомо деус“ – Јувал Ноа Харари

Во „Сапиенс“ д-р Јувал Ноа Харари ја опфаќа целата човечка историја, од првите луѓе на Земјата до радикалните – а понекогаш и катастрофалните – откритија на когнитивните, земјоделските и научните револуции. Храбра, опсежна и провокативна, оваа книга предизвикува сѐ што досега мислевме дека знаеме за тоа што значи да се биде човек: нашите мисли, дејства, моќ… и – нашата иднина.

Во „Хомо деус“ Харари се обидува да даде одговор на прашања кои го мачат денешниот свет: Кои ќе бидат идните проблеми на човештвото? Каква судбина им е наменета на луѓето, како самопрогласени богови на планетата Земја, кои чекори ќе ги преземеме за да ја оствариме? Во кој правец ќе се движиме понатаму? И како ќе го заштитиме овој кревок свет од сопствената деструктивна моќ?

„Сликата на Доријан Греј“ – Оскар Вајлд

Вистински класик меѓу класиците, книга која е екранизирана повеќепати, издавана, преведувана, реиздавана, лекција за младиот и убав Доријан кој на некој начин прави „пакт со ѓаволот“ за да ја зачува својата младост, бидејќи се плаши од стареењето. Но, неговиот развратнички живот почнува да се манифестира преку уметничката слика, портретот кој самиот го има нарачано. Ова е важна лекција за недостижноста на совршенството, но и незапирливиот порив на човекот да го достигне.

„10 минути и 38 секунди во овој чудесен свет“ – Елиф Шафак

Се верува дека по смртта, човечкиот мозок работи уште точно 10 минути и 38 секунди, во кои ни приредува ретроспектива на животот. Приказната за проститутката од Истанбул, Леила и нејзината трагична смрт ќе ве трогне, но и ќе ве пренесе во еден многу поинаков свет, во турските бордели, револуцијата, суеверијата… Елиф Шафак важи за едно од најдобрите авторски имиња во современа Турција, а нејзините дела се преведуваат на многу светски јазици, а за среќа, можеме да ги читаме и на македонски јазик.

„Надвор“ – Нацуо Кирино

Се работи за еден од најпознатите и најкрвави трилери од современата јапонска литература. Авторката Марико Хашиока го издава романот „Надвор“ (Out) под псевдонимот Нацуо Кирино и се здобива со светска популарност. Се работи за четири пријателки, колешки од работа, од кои едната го убива својот сопруг, а останатите три се ослободуваат од телото, на тој начин давајќи и алиби. Но, злосторството се разоткрива, се вмешуваат и други луѓе, а пријателките почнуваат да се уценуваат една со друга, која за пари, а која за своја лична безбедност.

Слични содржини