Во Унгарија, до 8 часот утрово, регистрирани се 85 заразени со коронавирус, што е за 12 повеќе од вчера – според владината веб-страница. Шестмина од нив се во критична состојба, починал еден 75-годишен пациент, а двајца млади Иранци кои студираат во Будимпешта биле целосно излечени и отпуштени од болницата „Сент Ласло“.
Во болнички карантин моментно има 124, а во домашна самоизолација 3.065 лица, надгледувани се околу 3.000 сомнителни случаи, а според најновата одлука на Кризниот штаб, која од денес преоѓа на онлајн прес-конференции, примероци може да се земат и од дома.
Новата мерка е влез на војската во големите државни компании и институции, клучни за нормалното функционирање на економскиот живот. Според министерот за одбрана Тибор Бенке, шеф на Акциската група за безбедност, има околу 140 компании, меѓу кои: aтомската централа „Пакс“, „Мол“, електраната „Матра“, компанија за електрична енергија во Унгарија, NKM дистрибуцијатa на гас, унгарското Складиште на гас, унгарската Народна банка, унгарската Берза …
Армијата не само што има задача физички да ги чува објектите на тие фирми, туку е вклучена и во деловното одлучување, производството, логистиката и финансиите.