Српската докторка Душанка Ѓокиќ, која работи во болницата „Папа Џовани ди Бергамо“ во епицентарот на епидемијата на коронавирус во Бергамо, Италија, вели дека пациентите чекаат и до 48 часа за да бидат примени во болницата.
„Се хоспитализираат пациенти кои имаат потреба за интензивна нега на кои им е треба кислород. Пациентите остануваат во болница десет дена. Оние што се наоѓаат на интензивна нега остануваат и по 20 дена. Многу е стресно за нас. Се работи за хуманитарна криза. Луѓето умираат сами во болницата, без своите семејства“, истакна таа.

Како што објаснува, лекарите треба секој ден да избираат меѓу двајцата пациенти кои ќе ги примат во однос на оној кој е со поголеми шанси да преживее, а истакнува дека имале и постари пациенти кои успеале да се изборат со вирусот.
Таа посочи дека сите граѓани во Италија биле известени да доаѓаат во болница само доколку имаат сериозни симптоми, а дека оние со лесна кашлица и симптоми на грип остануваат дома.
„Во мојата болница во моментот има 1.000 кревети. Во моментов имаме над 600 позитивни пациенти. Оперативните простории и диспанзерите се затворени. Ние дури и не извршуваме малигни операции. Само сме посветени на пациенти кои се позитивни на коронавирусот”, додаде д-р Ѓокиќ.
Таа исто така рече дека имало случаи на лекари кои биле во тешка состојба и дека има смртни случаи и кај лекарите.
Како што вели во Бергамо моментно работат само аптеки и супермаркети, улиците се пусти, а луѓето се исплашени.
„На почетокот луѓето излегуваа, сега улиците се повеќе се празни. Никој повеќе не пее од балконите, на никому не му е до тоа. Вие видовте слики од Бергамо како носат ковчези. Не станува збор за психоза и страв, но апелирам на одговорност. Следете ги мерки за хигиена, следете ги сите мерки и не ја напуштајте куќата и можете да го избегнете она што се случува во Италија “, рече Ѓокиќ.