Дујовски: Полицискиот час не значи превласт на МВР

од Берта Китинска
387 прегледи

Првенствената цел на воведувањето на вонредната состојба е да му се помогне на здравствениот систем, побрзо и на поедноставен начин да се донесуваат одлуките поврзани со заштита на здравјето на граѓаните во услови на пандемија на Ковид-19, а полицискиот час е мерка што во овој кризен период може многу да придонесе да се почитуваат одлуките на Владата за заштита на животот и здравјето на граѓаните.

Ова во интервју за МИА го посочи деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, кој истакна дека веднаш по воведувањето на вонредната состојба, можеше лесно да се увиди дека препораките не се почитуваат, некаде дури и со сериозни прекршувања.

Сепак, нагласува Дујовски, бидејќи станува збор за особено чувствително ограничување на слободното движење на граѓаните, потребно е малку повеќе да се елаборира полицискиот час, онака како што е воведен во Северна Македонија и причината поради која се воведува.

Тој потенцира дека иако се нарекува полициски час, тоа не значи дека МВР и полицијата имаат доминантна улога во државата ниту, пак, дека полициските структури раководат со тековите во општеството. Напротив, со воведувањето на полицискиот час се ставаат во функција капацитетите на повеќе државни органи, а заради заштита на здравјето на граѓаните.

Дујовски во интервјуто за МИА вели дека охрабрува податокот дека барем во првото деноноќие од воведувањето на построгите мерки за малолетниците и за повозрасните лица не се забележани непочитувања од нивна страна, но загрижува податокот дека и по неколку дена голем број граѓани не го почитуваат полицискиот час од 21 до 5.

Триесетдневна вонредна состојба прогласи претседателот Пендаровски со цел поефикасно справување со Ковид-19. Ова е првпат во историјата на самостојна Македонија да се воведе ваква состојба. Вашето мислење што тоа ќе значи за системот на земјата?

Воведувањето вонредна состојба се покажа како неопходна мерка за да можат државните органи да функционираат нормално, колку што тоа би било можно во овие сложени услови. Се наоѓаме во особено чувствителен период во кој Собранието е веќе распуштено и беа распишани предвремени парламентарни избори за 12 април оваа година. Во такви услови, сите институции во државата работат со одредени ограничувања, особено во делот на почитувањето на Законот за спречување на корупцијата, Законот за јавни набавки, вработувањата во јавниот сектор итн. Вонредната состојба како што е дефинирана во Уставот предвидува ограничување на дел од правата, но тоа е сосема соодветно регулирано и познато за повеќето граѓани.

Владата веќе функционира во услови на вонредна состојба. Донесени се повеќе уредби со законска сила, кои имаат за цел да го стабилизираат системот и да помогнат да се нормализира животот на граѓаните до најголема можна мера, но и да се преземат навремени мерки за поуспешно справување со последиците од кризата што неминовно следува.

Сепак, првенствената цел на воведувањето на вонредната состојба е да му се помогне на здравствениот систем, побрзо и на поедноставен начин да се донесуваат одлуките поврзани со заштита на здравјето на граѓаните. Токму затоа, од особена важност е сите граѓани да разберат дека во овој случај станува збор за здравствена криза и пандемија што му се заканува на целиот свет. Политичарите само ги почитуваат барањата и укажувањата на здравствените власти и вонредната состојба е воведена како неопходен чекор во борбата со новиот вирус Ковид-19. Директно поврзано со ова е и воведувањето на полицискиот час, кој го ограничи движењето на граѓаните, за различни категории граѓани во различен период од денот, но на целата територија на државата. Во вонредна состојба, Владата носи брзи и ефикасни одлуки за да дејствува најдобро што може, во нашиот случај во тесна соработка со здравствените работници и членовите на Главниот координативен кризен штаб.

Сепак, животот треба да продолжи колку што е можно понормално, а Владата има обврски да ги регулира сите прашања што имаат значење за општествениот и економскиот развој. Затоа, веќе сме сведоци на уредби што ги регулираат образованието, финансиите, економијата, царините, транспортот итн. Беше донесена и уредба со законска сила за ставање во мирување на сите подготвителни дејства поврзани со организирањето на изборите. Ова овозможи да бидат ослободени повеќе ресурси, да се спроведуваат потребните набавки, а за да се обезбедат потребните ресурси пред сè во сферата на здравството.

Барем засега, а благодарение на системот што добро се организира за одговор на кризата, нема некои поголеми нарушувања на економските текови, граѓаните оправдано може да се чувствуваат сигурно. Ова особено е значајно за перцепицијата на ризикот што е присутна кај граѓаните. Работата на институциите е токму и во таа насока. Да се прави добра и квалитетна анализа на ризикот, но и да се влијае на перцепцијата, која е особено значајна и сега, а ќе биде уште позначајна по завршувањето на здравствената криза и враќањето на нормалната состојба во државата.

Слични содржини