Американка намерно кашлала на храна во продавница: Сега и се заканува обвинение за тероризам!

од Aleksandar Petrovski
152 прегледи

Жена која намерно кашлала на храната во продавница во Пенсилванија, ќе се соочи со кривична пријава, соопшти полицијата.

Неименувана жена влегла во продавницата од ланецот на супермаркети Герити во Хановер Тауншип и почнала да кашла на пекарски производи, месо и другите производи, напишал ко-сопственикот ланецот супермаркети Џо Фасула на Фејсбук.

Вработените морале да ја отстранат стоката од полиците и да ги дезинфицираат местата каде жената кашлала, а проценетата вредност на стоката е околу 35.000 американски долари.

Персоналот брзо ја отстранил жената од продавницата, а полицијата ја пронашла и притворила неколку часа подоцна, јави Си-Ен-Ен.

„Официјалните лица не веруваат дека жената е заразена со коронавирус, но соопштија дека ќе направат се за таа да биде тестирана“, напиша Фасула.

Како што рече, иако се верува дека станува збор за „многу чудна шега“, продавницата морала да го фрли секој производ со кој жената имала контакт и да проверува со локалните инспектори и да ја дезинфицира областа каде што се движела.

„Апсолутно ми е мака заради изгубената храна. Секогаш е штета да се фрла храна, и во ова време кога луѓето се загрижени за доволно залиха, тоа е уште повознемирувачко”, навел Фасула.

Сè уште не е познато со какви обвиненија ќе се соочи жената откако ќе го заврши третманот на ментално здравје.

Министерството за правда на САД соопшти дека луѓето кои намерно го шириле вирусот корона, можат да бидат обвинети за тероризам.