ЕК ослободува итна помош во борбата против коронавирусот, 66 милиони за С. Македонија

од Берта Китинска
137 прегледи

Европската Комисија најави дека се ослободуваат веднаш 38 милиони евра помош за Западниот Балкан за справување со здравствената криза и реалокација на 374 милиони евра за помош во справување со социо-економските последици, јави дописничката на МИА од Брисел.

Најавата дојде од еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји кој порача дека “ЕУ секогаш ќе биде тука за Западниот Балкан“.

-Ќе им помогнеме на нашите партнери да ги покријат итните потреби на здравствените системи и за промоција на долгорочни мерки за ублажување на социо-економските последици на кризата со коронавирусот и поддршка за малите и средните претпријатија во регионот, изјави Вархеји.

Конкретно, Европската Комисија вели дека на барање на земјите од регионот ќе ги поддржи најитните барање во однос на медицинска и заштитна опрема.

Албанија и Северна Македонија ќе добијат по четири милиони евра, Босна и Херцеговина седум милиони евра, Црна Гора три милиони, Косово пет, а 15 милиони евра се наменети за Србија, каде штетата за сега е најголема, вели Европската Комисија.

Брисел ќе ги вклучи земјите од регионот и во ЕУ иницијативи како заеднички шеми за јавни набавки за заштитна опрема, на пример како забрзување на проект со Европскиот центар за контрола и спречување на болести. Овој проект начелно требал да започне во 2021 и се однесува на зголемување на капацитетите за контрола на заразни болести, подобрување на способностите на медицинската итна помош како и развој на јавните микробиолошки лаборатории.

Останатите средства доаѓаат од претпристапниот инструмент познат како “ИПА фондови“, од каде ќе се пренасочат 62 милиони евра за Северна Македонија за ублажување на економските последици од кризата, зголемување на социјалната заштита, поддршка за приватниот сектор и зајакнување на јавното здравство. Со ова вкупната помош за нашата земја изнесува 66 милиони евра.

Србија ќе добие 78,4 милиони евра, Албанија 46,7, Босна 73,5, Црна Гора 50 милиони, а Косово ќе добие 63 милиони евра.

Слични содржини