За тоа како моменталната состојба со Ковид 19 влијае на економските фактори, во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
-Ако продолжи да трае кризата во наредните неколку месеци, не само од администрацијата, туку и од многу други места ќе има намалување. Ова се врзани садови и ќе мора да се следи состојбата. Во овој период решивме дека ова се доволни мерки засега, но будно ја следиме состојбата и сакаме да ги слушнеме сите предлози и можни решенија. Мора да се грижиме за најпогодените и за секое семејство да не остане без приход, рече Манчевски.
На прашањето што е со оние кои ги изгубија своите работни места и со хонорарците, министерот Манчевски рече дека сака да прати порака до компаниите.
– Што се однесува до хонорарците, во мерките се опфатени и велиме дека треба половина од договорената сума со авторски договори да им се исплати. Наоѓаме и приход за вработени во културата и спортот. Се уште не сме ги опфатиле сите гранки, се сконцентриравме на првично најпогодените. Процедурите за пристап до државната помош нема да бидат комплицирани, нема да се бараат купишта хартија. Ќе направиме да бидат лесно пристапни. Граѓаните треба да бидат спокојни, имаме заштитна мрежа, изјави Министерот.